Фото: Принтскрин

Специјално дизајнирани компресивни чорапи би можеле да го направат одењето полесно и помалку заморно. Истражувачи од Универзитетот во Тексас во Остин откриле дека чорапите, кои вршат притисок врз предниот дел од стапалото и го зајакнуваат неговиот лак, можат да ја намалат потрошувачката на метаболичка енергија за два проценти при одење, пишува „Сајанс алерт“.

Иако резултатот на прв поглед изгледа скромен, истражувачите посочуваат дека ваквата разлика може да биде значајна при подолги пешачења, кога телото троши повеќе енергија. Намалувањето го споредуваат со отстранување товар од два килограми од пределот на половината.

Како функционираат специјалните чорапи?

Истражувањето првично имало за цел да одговори на едно еволутивно прашање: зошто човечките стапала се поцврсти од стапалата на другите примати? Една од водечките теории е дека оваа особина му овозможува на човекот поефикасно да оди исправено, со помалку напор.

За да ја испитаат оваа претпоставка, научниците спровеле експеримент со 12 здрави испитаници, на просечна возраст од 28 години. Учесниците оделе на лента за трчање во интервали од по пет минути, при што биле споредени ефектите од специјално дизајнираните компресивни чорапи и обичните чорапи.

Новите чорапи имаат цврста плетена лента околу предниот дел од стапалото, која го спречува неговото прекумерно ширење при оптоварување. На тој начин се зголемува стабилноста на внатрешниот надолжен лак на стапалото, без значително да се ограничи неговата подвижност.

Резултатите покажале дека цврстината на лакот се зголемила за 65 проценти, додека потрошувачката на метаболичка енергија при одење се намалила за два проценти во споредба со обичните чорапи.

Студијата е објавена во научното списание Proceedings of the Royal Society B: Biological Sciences.

Поцврсто стапало, помалку потрошена енергија

Според истражувачите, поголемата стабилност на стапалото му овозможува да извршува поголем дел од механичката работа при секој чекор. Така, мускулите на нозете имаат помала потреба од дополнителна работа за да го одржат движењето.

Набљудувањата покажале дека мускулите на листот создавале малку поголема сила, но се контрахирале побавно, што придонело за помала вкупна потрошувачка на енергија. Истражувачите го споредуваат овој принцип со префрлување во поголема брзина при возење велосипед.

Потрошувачката на енергија била утврдена преку мерење на дишењето, односно количината на кислород што ја внесувале учесниците и јаглерод диоксидот што го издишувале.

Претходните обиди да се постигне сличен ефект со цврсти влошки за чевли и потпори за лакот на стапалото не покажале намалување на потрошувачката на енергија. Новото истражување, според научниците, нуди дополнителни докази дека цврстината на човечкото стапало е важна за ефикасното движење на две нозе.

Потенцијална примена во секојдневието

Истражувачите сметаат дека ваквите чорапи би можеле да најдат примена во секојдневниот живот, особено како едноставно и релативно евтино решение за подобрување на издржливоста при одење.

Тие би можеле да им помогнат и на луѓето со различен степен на подвижност, но за да се потврди нивната практична корист потребни се дополнителни истражувања. За дизајнот веќе е поднесена патентна пријава.

Научниците ги претставуваат чорапите како нискобуџетна и лесно применлива технологија што би можела да ја намали потрошувачката на енергија при одење, а потенцијално и при трчање.