Местото на Западен Балкан е во Европската Унија, а Грција останува силен поддржувач на европската интеграција на регионот. Ова го порача грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, по министерскиот состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“ што се одржа во Атина, пренесе МИА.
Герапетритис нагласи дека европскиот пат на земјите од Западен Балкан отсекогаш бил стратешка определба на Грција, посочувајќи дека двете страни ги поврзуваат историските врски, заедничките предизвици и иднината на регионот.
Според него, широкото учество на состанокот ја потврдува заедничката волја да се задржи динамиката на проширувањето и европската интеграција на Западен Балкан да остане високо на приоритетите на Унијата.
Грчкиот министер потсети на Солунската агенда од 2003 година, кога Грција ја стави европската перспектива на Западен Балкан во центарот на европската политика, нагласувајќи дека оваа определба останува непроменета и по повеќе од две децении.
Тој оцени дека членството на земјите од регионот во ЕУ претставува инвестиција во мирот, стабилноста, безбедноста и економскиот просперитет, особено во актуелните сложени геополитички околности.
Осврнувајќи се на разговорите во Атина, Герапетритис рече дека министрите размениле мислења за напредокот на земјите кандидати, отворените прашања и следните чекори на нивниот европски пат. Притоа бил препознаен напредокот постигнат во повеќе земји, но била нагласена и потребата од забрзување на реформските процеси.
Тој порача дека проширувањето мора да продолжи, но без да се наруши неговиот кредибилитет, односно пристапниот процес да остане заснован на заслуги и целосно почитување на европските договори и процедури.
Посебен акцент, како што истакна, бил ставен на реформите во клучните области, меѓу кои владеењето на правото, независноста на судството, демократското управување, заштитата на човековите и малцинските права, слободата на медиумите и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
– Местото на Западен Балкан е во Европската Унија – повтори Герапетритис, нагласувајќи дека Грција ќе продолжи да ги поддржува земјите од регионот во исполнувањето на условите за членство.
Состанокот во Атина се одржа во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој треба да се одржи во Брисел во четврток, а грчкиот министер информираше дека во рамки на посетата остварил и билатерални средби со колегите од повеќе земји, меѓу кои и со македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски.



































