Министерството за здравство најостро го осудува инцидентот пред Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, при кој биле нападнати здравствени работници додека ја извршувале својата професионална должност.
– Секој облик на насилство, закани или попречување на здравствените работници во извршувањето на нивните работни задачи е недозволив и мора да биде соодветно санкциониран. Напоменуваме дека нападот врз здравствен работник или здравствен соработник претставува кривично дело. Согласно член 304-г од Законот за здравствената заштита, за напад или сериозна закана кон здравствен работник или здравствен соработник при вршење здравствена дејност е предвидена парична казна или казна затвор, а во зависност од околностите и последиците од нападот, и построги казни – се вели во реакцијата од МЗ.
Оттаму додаваат дека здравствените работници секојдневно се на првата линија во грижата за здравјето и животот на граѓаните.
– Насилството нема место во здравствените установи. Почитувањето и заштитата на здравствените работници мора да бидат заеднички приоритет – се вели во реакцијата.

































