Собраниската Комисија за финансирање и буџет и денеска ја продолжи амандманската расправа за предлог-буџетот за 2027 година, на која беа разгледани 12 амандмани поднесени од опозицијата. За предложениот буџет поднесени се вкупно 400 амандмани од овластени предлагачи.
Разгледаните амандмани од Левица се однесуваа на обезбедување дополнителни средства за спроведување активности за урбанистичко уредување, евидентирање и заштита на просторот во рамките на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, за финансирање на општините за изработка на детални урбанистички планови, како и за обезбедување повеќе пари за Државниот инспекторат за животна средина, со цел, како што велат, да се овозможат почести, навремени и ефикасни проверки на индустриските загадувачи.
Со еден од амандманите се бараше и обезбедување финансиски средства за продолжување и завршување на проектот за пречистителната станица на територијата на Општина Чучер Сандево, за населбите Бел Камен и Кучевишка Бара.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски истакна дека се одбива амандманот за спроведување активности за урбанистичко уредување на Охридскиот регион, бидејќи Владата веќе презела конкретни мерки за заштита на овој регион.
– Владата веќе презема конкретни мерки за заштита на Охридскиот регион преку меѓуинституционална координација, усогласување на урбанистичкото планирање и спроведување на препораките од УНЕСКО. Формиран е и кризен штаб, доставен е извештај до УНЕСКО и е утврден план за понатамошно постапување. Ова ќе се реализира во рамките на планираните средства – рече Јанкуловски.
Поднесените амандмани од СДСМ и коалицијата се однесуваа на доизградба на колекторскиот систем и изградба на пречистителната станица во Крива Паланка, обезбедување финансиски средства за набавка на комунална механизација и возила за одржување на јавната хигиена, миење и чистење на улиците и редовно собирање на кабаст отпад во Општина Карпош, како и обезбедување средства за набавка на специјализирани комунални возила и машини за потребите на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ во Куманово.
Отфрлени беа и четири амандмани поднесени од „Европски фронт“, кои се однесуваа на обезбедување финансиски средства за реконструкција на речното корито во липковското село Матејче, продолжување на уредувањето на речното корито во липковското село Оризари, издвојување 16 милиони денари за завршување на изградбата на речното корито во Оризари и 12 милиони денари за завршување на изградбата на речното корито во липковското село Слупчане.
Седницата на Комисијата за финансирање и буџет, на која се разгледува предлог-буџетот за 2027 година, ќе продолжи по редовната пауза.

































