Фото: Маја јаневска Илиева

Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека ќе има средба со новиот претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, на која ќе се разговара за моделот за студентски оброк, по што ќе следува и средба со претставници на студентските собранија од сите универзитети.

– Денеска имам средба со новиот претседател на Студентското собрание на УКИМ, бидејќи тие имаат промена на раководството и треба да се сретнеме со новиот претседател. Откако ќе се видам со него и ќе поразговараме на темата студентски оброк – тој е легитимен претставник на студентите на УКИМ – ќе организираме уште една средба со претставниците на студентските собранија на сите универзитети, како што тоа го направивме и во минатото, за конечно да го слушнеме нивното мислење и нивните размислувања – истакна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање за мерката за млади, која вчера ја најави премиерот Христијан Мицкоски, а која предвидува воведување студентска картичка со попусти од најмалку 20 проценти за производи и услуги.

Таа појасни дека моделот сè уште се разработува и дека конечниот став ќе биде донесен откако ќе бидат консултирани студентите.

– Сè додека немаме конечен став од студентите, ние го разработуваме овој модел. Она што е важно е дека ќе станува збор за електронска апликација преку која студентите, кај сите оператори што ќе ги избере Владата, ќе добиваат 20 отсто попуст со картичката за студентски оброк, односно со е-апликацијата или ваучерот за студентски оброк. Попустот ќе важи за она што ќе го купат со тие средства, но и за сè друго што ќе го купат кај избраниот оператор. Ваква мерка во ваква криза навистина е нешто што укажува дека особено многу внимаваме на студентите и дека водиме голема грижа за младите луѓе во земјата – нагласи министерката.

Прашана дали попустот ќе важи само за купувањата со средствата од студентскиот оброк или и за другите производи, Јаневска појасни дека попустот од 20 проценти ќе се однесува на сè што студентите ќе купат во избраната продавница.

– И за сè друго, исто така, ќе има 20 отсто попуст. Сè што ќе земат – за сè што ќе купат од таа продавница ќе имаат 20 проценти попуст – појасни Јаневска пред почетокот на конференцијата „Образованието на возрасните и доживотното учење – инвестиција во луѓето и иднината“ во Скопје, пренесува МИА.