Серијал за пливачките маратони (6)
- Охриѓанецот со неполни 11 години беше најмладиот победник во историјата на малите маратони од Горица до Охрид. Маленко го најави својот блесок уште на државното пионерско првенство во Сплит кога го собори рекордот на 800 метри. Холанѓанката Џонс Подгитер е прва победничка од странство
Во спортот, со текот на времето се менуваат и шампионите. Тоа е вообичаен процес, не само во спортот туку и во животот. Со времето доаѓаат нови лица од помладата генерација и ги заменуваат оние поискусните што оставиле печат на своето време. Луѓето не може да останат вечни, туку вечно останува нивното дело, она што го направиле низ животот. Тие луѓе ќе бидат запишани во историјата, онаму каде што создавале и нема да бидат заборавени. Единствено со текот на времето ќе избледнат сеќавањата на нив и на нивното дело. Таков е животот. Оваа судбина, кога станува збор конкретно за спортот, не може да ја избегнат ниту големите шампиони. Навистина, светот останува на младите, но, сепак, не треба да се заборават и оние што некогаш, години пред нив, создавале големи дела.
Овој вовед го напишав така, враќајќи се во мислите на минатите времиња, кога охридските пливачки маратони беа во полн блесок. Најуспешните во нив, засекогаш ќе бидат врежани во нашата меморија, особено кај нас што уште од првите години почнавме да ја следиме оваа, во тоа време, грандиозна спортска манифестација. Зарем може да ги заборавиме Нико Нестор, братот и сестрата Дики и Атина Бојаџи, Климе Савин, Ристо Бимбиловски и уште неколкумина најистакнати маратонци од почетниот период на создавањето на традицијата?
Потоа, дојдоа и други асови, во имињата на Томи Стефановски, Евгениј Поп Ацев, Теодора Раптис и Александар Маленко. На овој последниот во низата, Маленко, многумина се сеќаваат како на извонреден пливач во олимписките дисциплини во трките на пливалиштата, но ова е момент кога треба да се споменат и да не се заборават неговите настапи во почетокот на кариерата во популарните мали охридски маратони. Можеби многумина љубители на спортот ќе бидат изненадени кога ќе напишам нешто за него како маратонски пливач. Но тоа изненадување брзо ќе помине откако ќе видат оти Маленко уште од пионерско-младинските денови беше одличен маратонец, дури и шесткратен победник на традиционалниот мал маратон од Горица до Охрид. Ова го пишувам од проста причина што во овој серијал, опишувајќи ги претходните мали маратони, стигнав до 11-от, на кој токму Маленко, иако со годините уште не беше стигнал до оваа бројка што го означуваше редниот број на малиот маратон, 11, беше најмлад учесник и дотогаш најмлад победник. За многумина, па и за неговите сограѓани ова беше изненадување, зашто тие го познаваа како пливач на пократките олимписки дистанци. Затоа, дури и ним им беше чудно, како можеше тоа младо момче да го совлада поискусниот и повозрасен, а дотогаш и трикратен победник на овој маратон, Александар Хаџиев. Ова беше показател оти покрај брзината, Маленко во себе ја има и издржливоста. А кога ќе се спојат овие две особини, тогаш станува јасно за колку квалитетен пливач станува збор.
Инаку, во машката трка таа година трет беше Игор Лекоски, а во женска конкуренција првпат победи пливачка од странство, Подгитер (Холандија). Елена Хаџиева, сестрата на Александар, кој до појавата на Маленко беше најуспешен пливач на малиот маратон, овој пат беше втора. Но затоа, пак, во претходната 1989 година, во семејството Хаџиеви имаше двојно славење за победите на Александар и на Елена.
Sвездата е родена
Покојниот Леко Радич уште кога Маленко се појави на пливалиштето веќе во него гледаше перспективен пливач. Искусниот тренер, заедно со своите колеги од стручниот штаб на Охридски бранови, веднаш ја предвиде неговата иднина. А многу и не се чекаше младиот пливач да се искачи на европскиот врв во конкуренција на младинци. Не поминаа ниту пет-шест години, а Маленко веќе стана европски младински првак во Копенхаген во 1994 година на 200 метри пеперутка, со резултат 2:00,57 минути. Тоа беше неверојатен успех, не само за Маленко и за неговиот тренер и клуб туку за цела Македонија. Никој во тие години не можеше ниту да претпостави дека во нашата средина ќе се роди таков пливач што ќе биде врвен и во некоја олимписка дисциплина. За маратонското пливање не треба да трошиме зборови, одамна беше познато оти Македонија има големи асови, но дека ќе се роди и еден европски младински шампион во пливање, во тоа тешко кој веруваше. Но, ете, се случи и тоа, Алексансар Маленко во базенот во Копенхаген ги изненади сите со својот врвен настап и дојде до европската младинска титула. Тогаш интересни биле и коментарите меѓу стручњаците од европските земји, кои не можеле да се изначудат кое е ова охридско момче што ги совлада сите противници. За ова големо чудење на познатите европски тренери, јас и моите колеги слушнавме од изјавите по настапот на ЕП, на охридската тренерска легенда Леко Радич. Тој во едно интервју со мене, кога бев член на спортската редакција на МТВ, самоуверено рече, допрва ќе видите за каков квалитетен пливач станува збор.
– Маленко има голем потенцијал, ова е само почеток на неговата кариера. Допрва ќе видите каков ас ќе стане – изјави Радич.
За тоа дека ова што го изјави Леко не беше далеку од вистината потврди и настапот на Маленко на Олимпијадата во Атланта во 1996 година. Осум години подоцна настапи и на ЛОИ во Атина, но многу негативно на неговиот развој се одрази и фактот што во еден период падна во еден вакуум-простор и ја промаши Олимпијадата во Сиднеј во 2000 година. Ако имаше континуитет во олимписките настапи, којзнае до каде ќе стигнеше. Се сеќавам на Атина, откако добро исплива во квалификациите, одејќи кон македонскиот штанд во еден училиштен двор, во кој беа сместени и штандовите на сите поранешни југословенски републики, во непосредна близина на спортскиот комплекс Маруси, малку под импресија на првата квалификациски трка во која беше прв, онака расположен ми рече: „Ќе видиш Зоки, ќе се подготвувам за следните ОИ во Пекинг. Овде видов дека можам и ќе сторам сѐ да стигнам до Далечниот Исток“. Но, за жал, тоа беа последните оптимистички зборови на Маленко, кој некако тешко можеше да влезе во строгиот тренажен режим и не стигна до ОИ во Пекинг. Остана и јас и тој да се сеќаваме на неговата желба.
Направив една дигресија за подоцна да не го испуштам ова сеќавање. Сега темата се маратонските пливања на Охридско Езеро, па, еве, се враќам токму на нив и продолжувам со малите маратони.
Уште пет победи на Маленко на малите маратони
Маленко, амбициран од последните успеси, продолжи да се натпреварува и во олимписките дисциплини во базен, кои се одржуваа во текот на целата година, но не ги заборави и маратоните во летниот период. Тие, очигледно, многу го привлекуваа, зашто тој како да беше роден постојано да биде во вода. Сега ги очекувавме само неговите следни потези и посакувавме со сериозни тренинзи да опстане на едно високо спортско ниво.
По првата победа на малиот маратон се нанижаа уште пет победи. Во следната година (1991), тој вторпат го освои првото место, оставајќи зад себе двајца хрватски маратонци, Дарко Цвитаниќ и Дејан Субота. Инаку, на овој маратон првпат имаше повеќе пливачи и од другите поранешни југословенски републики. Покрај Хрватите, кои ги споменав, учествуваа и пливачи од БиХ, Србија и од Словенија. За да се крене рејтингот на маратонот, Леко Радич во својата книга пишува дека тој, заедно со своите колеги и со другите членови на Организацискиот одбор, две години се подготвувал за овој пливачки спектакл.
Како резултат на сериозноста со која пристапија во организацијата, нормално и со помош на градските фактори, покрај пливачи од поранешните југословенски простори на маратонот учествуваа уште маратонци од Албанија, Бугарија и од Чешка.
Меѓутоа, мора да се истакне дека во Охрид, практично покрај малиот маратон, во еден период од четири дена всушност се одржаа уште две трки, една беше од Охрид до хотелот „Славија“ во должина од 4 км, а втората на подолга патека, 7 км, од хотелот „Метропол“ до Охрид. Ова беше направено во заеднички договор со претставниците од сите земји учеснички на овие таканаречени Четири охридски пливачки дена. Сите беа одушевени од ваквиот начин на организирање на повеќе трки, зашто тоа беше корисно и за пливачите, кои веќе и онака требаше да поминат долг пат, барем да имаат и повеќе трки, а не само една на два и пол километри. Така и патувањето им се исплатеше зашто не учествуваа само на една, туку на три трки. И ова беше еден од изумите на неуморниот Леко. Кога се сумираа резултатите од сите три трки големиот пехар од организаторот како на најуспешен пливач му припадна токму на Александар Маленко.
































