Фото: Илустрација

Руски балистички ракети погодиле три моста на реката Днепар во Киев, при што загинале три лица, а околу 15 биле повредени, соопшти денеска градоначалникот на украинската престолнина, Виталиј Кличко, пренесе „Блумберг“.

Станува збор за најголемиот напад врз сообраќајниците што ги поврзуваат левиот и десниот брег на Киев од почетокот на војната. Според објавата на Кличко на Телеграм, ракетите ги погодиле мостовите „Подилско-Воскресенски“, „Дарницки“ и „Пивденски“.

По нападите, дел од сообраќајниците се затворени, а на други сообраќајот е ограничен. Тоа го отежнува движењето низ градот со околу три милиони жители, чии два брега се поврзани со шест главни моста. Во нападите избувнале пожари, а оштетени биле и објекти од критичната инфраструктура и згради.

Нападите следуваат откако рускиот претседател Владимир Путин вети силен одговор на неодамнешната серија украински напади врз мостот што ја поврзува Русија со Крим.

Според информациите што локалните власти ги објавија на Телеграм, пет лица биле повредени во Днепропетровската област откако беспилотни летала погодиле станбени згради. Во Харков, вториот по големина град во Украина, четири лица биле повредени во руски напад со дронови врз болница. Уште едно лице било повредено во напад со дрон врз трамвај во Запорожје.