Илустрација / Фото: Маја Јаневска Илиева

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска почнува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2027 година. Седницата треба да почне во 11:30 часот, а за Предлог-буџетот се поднесени над 300 амандмани.

Во текот на општата расправа изминатите денови, пратениците од власта оценија дека Предлог-буџетот претставува рамка за одговорно управување со јавните финансии, зачувување на макроекономската и финансиската стабилност, навремено исполнување на обврските кон граѓаните и реализација на развојните програми на државата. Според нив, станува збор за развоен буџет насочен кон економски раст, капитални инвестиции и подобрување на животниот стандард.

Според опозицијата, проекциите на Владата не ја отсликуваат реалната економска состојба, а зголемените дефицити и задолжувања го доведуваат во прашање развојниот карактер на буџетот. Опозициските пратеници сметаат дека капиталните расходи не се доволни и дека за најавените инвестиции и проекти не се предвидени соодветни средства во буџетот.

Во Предлог-буџетот за 2027 година вкупните приходи се планирани на 395,4 милијарди денари, што е за 5,7 отсто повеќе во споредба со 2026 година. Вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари, што е за 4,8 отсто повеќе во однос на 2026 година.

Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 отсто од БДП, и е во согласност со фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година.

За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари. Даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари, што претставува раст од 6,4 отсто.

За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари, што е зголемување од 4,1 отсто. Од тој износ, 123,8 милијарди денари се наменети за исплата на пензии, што претставува раст од 4,8 отсто во согласност со законското усогласување, пренесува МИА.