Законот за работно ангажирање на лица, познат како закон за сезонски работници, сè уште не ги дава очекуваните резултати, изјави денеска заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Тој посочи дека законот се применува од 1 јануари 2026 година и дека неговите ефекти не треба да се оценуваат само врз основа на првата година од примената.
Пред информативниот настан за законската рамка и за дигиталната платформа за пријавување и одјавување работници, Ристески рече дека се организираат средби со поддршка од медиумите, стопанските комори, работодавачите и синдикатите за граѓаните подобро да се запознаат со можностите за дополнителна заработка.
Законот им овозможува на студентите, корисниците на старосна или семејна пензија, невработените и лицата што сакаат да работат дополнително да бидат ангажирани без да ги изгубат правата што веќе ги стекнале. За ангажманот се плаќа придонес за пензиско и инвалидско осигурување, како и дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда при работа.
Работодавачите ги пријавуваат работниците преку системот „е-Работа“ на Агенцијата за вработување. Законот опфаќа работи во земјоделството, шумарството и рибарството, во објектите за сместување и услужните дејности за храна, како и во домаќинствата.
Прашан како евентуалното преполовување на германската годишна квота за првични одобренија за вработување на лица од Западен Балкан би се одразило врз земјава, Ристески рече дека целта на Владата е што повеќе млади да останат и да работат тука. Предлогот со кој квотата би се намалила на 25.000 одобренија годишно се очекува да биде разгледан во германскиот Бундесрат на 18 декември.
Ристески информираше дека се подготвува и нов закон за работните односи, кој, според него, треба да им даде поголема флексибилност на работодавачите, да го олесни вработувањето и да ги заштити работничките права. Тој посочи дека недостигот од работна сила делумно се надоместува со ангажирање работници од странство и дека се подготвува нов закон за странци со кој треба да се забрзаат постапките.
Директорката на АХК Северна Македонија, Антје Ванделт, оцени дека законот ја зголемува транспарентноста при отворањето нови работни места и ја доближува земјата до европските стандарди. Според неа, дигиталната платформа може да го олесни ангажирањето сезонски работници, особено за компаниите на кои во одредени периоди им е потребна дополнителна работна сила.
Александра Кервска Димовска, советничка во ГИЗ, посочи дека законското решение може да придонесе за намалување на сивата економија и за поголема сигурност на сезонските и повремено ангажираните работници.
Настанот го организираа АХК Северна Македонија и ГИЗ. Покрај презентацијата на законските можности, работодавачите имаа можност да видат како во практика се пријавуваат и одјавуваат работници преку дигиталната платформа.































