Од денеска на организираниот пазар на електрична енергија во земјата може да се доставуваат понуди и налози со негативни цени. Промената е дел од реформските активности на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), спроведени во соработка со Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО, информираат од Министерството.
На пазарот ден однапред (MATS), досегашниот ценовен опсег од 0,10 до 1.000 евра за мегават-час се проширува на опсег од −600 до 4.000 евра за мегават-час. На пазарот во тековниот ден (M7), новиот опсег е од −9.999,99 до 9.999,99 евра за мегават-час.
– Негативните цени овозможуваат пазарните механизми пореално да ги одразуваат односите меѓу понудата и побарувачката. Тие може да се појават во периоди на зголемено производство и намалена потрошувачка, особено при високо производство од обновливи извори на енергија. Овој механизам обезбедува поголема флексибилност за учесниците на пазарот и поттикнува подобро планирање на производството, инвестиции во батериски системи за складирање и поефикасно управување со енергетските текови – посочуваат од МЕРМС.
Од Министерството додаваат дека можноста за тргување со негативни цени не значи дека тие автоматски ќе се формираат на пазарот. Цените и натаму ќе зависат од понудата и побарувачката. Промената не значи ниту дека сметките за струја на домаќинствата автоматски ќе се намалат или дека ќе бидат негативни.
– Со оваа реформа се унапредува конкурентноста и флексибилноста на домашниот пазар и се создаваат подобри услови за интеграција на обновливите извори и поврзување со европскиот енергетски пазар – потенцираат од МЕРМС.































