Владата останува на ставот дека игрите на среќа треба да се ограничат и веќе презеде законски мерки со кои се намалуваат можностите за нивно организирање, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој одговараше на пратеничко прашање на Јована Мојсоска од Левица, која праша дали Владата ќе иницира разрешување на директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, и дали ќе биде затворена платформата за онлајн игри на среќа „Мегавин“.
Според Николоски, со измените на Законот за игрите на среќа се воведуваат построги ограничувања за рекламирањето и за локациите на кои може да се организираат игри на среќа, а значително се зголемуваат и давачките за приредувачите.
– Примената на законските измени почнува на 1 јануари. Оттогаш само државата, преку Државна лотарија, ќе може да организира онлајн игри на среќа. Истото ќе важи и за видеолотариските терминали (ВЛТ), за кои државата ќе биде единствен организатор преку еден субјект – одговори Николоски.
Тој посочи дека по формирањето на актуелната Влада биле укинати лиценците на три компании поврзани со организирање онлајн игри на среќа, како и лиценцата за платформата „ТуВин“, која била дел од „Казино Австрија“ и од системот на видеолотариски терминали.
Николоски нагласи дека во врска со случајот се води судска постапка.
– Во тек е судска постапка против Артан Груби, Перпарим Бајрами и другите обвинети. Очекувам судот ефикасно да ја заврши постапката и одговорните да сносат одговорност за стореното – рече тој.
Николоски посочи дека е неопходна строга државна контрола за да се спречат нелегалното организирање игри на среќа и концентрацијата на пазарот. Тој ги повика надлежните институции, меѓу кои Обвинителството, Финансиската полиција и Управата за финансиско разузнавање, да ги проверат наводите што се појавуваат во јавноста за работењето во овој сектор.
Мојсоска обвини дека Владата не го исполнила ветувањето за укинување на платформата „Мегавин“ и посочи на, како што рече, спорни договори поврзани со Државна лотарија и со бугарската компанија „МДД Софт“, пренесува МИА.
































