Националниот џез-оркестар, утревечер во 20 часот, во Македонската филхармонија ќе одржи ексклузивен концерт со еден од најзначајните пијанисти и композитори на светската џез-сцена – Мишел Камило, добитник на „Греми“, три „Латин греми“ и на „Еми“. Камило ја воодушевува светската публика со својата извонредна пијанистичка виртуозност, препознатливиот музички израз и експлозивната латино-џез енергија. Неговото творештво претставува уникатен спој на џез, класична музика и карипски ритми, а неговата кариера е исполнета со многубројни меѓународни признанија, соработки и настапи на најпрестижните светски сцени.
Во Скопје, Камило ќе настапи со своето трио, составено од неговите долгогодишни музички соработници Рики Родригез на контрабас и Марк Валкер на тапани. Диригент на концертот е маестро Џијан Емин.
Овој концерт претставува посебна можност за македонската публика да доживее музичка средба со еден од водечките светски џез-уметници, во програма што ветува виртуозност, динамика, импровизација и препознатлива латино-џез енергија.
































