НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКАТА КУЈНА ВО СВЕТОТ
Темата на единаесеттото издание на Неделата на италијанската кујна во светот, која ќе се одржи од 16 до 26 ноември, во организација на Амбасадата на Италија и агенција ИТА во Скопје, е „Италијанската кујна како нематеријално културно наследство на УНЕСКО: територии и врвни производствени процеси“, славејќи ги регионалната разновидност на италијанската гастрономија и нејзината поврзаност со културниот идентитет и локалните традиции.
Впишувањето на италијанската кујна на Репрезентативната листа на нематеријалното културно наследство на човештвото на УНЕСКО е значајно признание за традицијата што ги надминува границите на гастрономијата. Таа претставува начин на живот, семејно наследство и знаење што се пренесува од генерација на генерација. Секој регион има свои карактеристични производи, рецепти и техники, а зад секое јадење стои приказна за територијата и локалните производители.
Во Македонија, манифестацијата ќе биде одбележана со серија гастрономски и едукативни настани, кои ќе ги доближат италијанските регионални традиции, современите кулинарски техники и автентичните производи до македонската публика. Програмата започна со мастерклас за современа ломбардиска кујна со шефот Фарук Незири, наменет за професионални готвачи. Денеска, во СУГС „Лазар Танев“, шефот Незири ќе одржи работилница за учениците и професорите, преку која младите кулинари ќе имаат можност да се запознаат со гастрономската традиција и со современите техники на италијанскиот регион Ломбардија.
На 21 ноември, во супермаркетот „Веро Тафталиџе“ ќе се одржат презентација и дегустација на италијански производи под мотото „Италијански вкус во Веро – врвниот италијански квалитет во твојот супермаркет“. Посетителите ќе имаат можност да ги откријат разновидноста и квалитетот на италијанската гастрономска понуда и да уживаат во нејзините автентични вкусови. Програмата ќе биде заокружена на 26 ноември со мастеркласот „Приказни за Италија“, организиран во соработка со „Лаваца кофи фактори“ на улицата Македонија. Преку аромите, вкусовите и различните мешавини на италијанското кафе, учесниците ќе ги откријат богатата кафе-култура на Италија и нејзината поврзаност со секојдневниот живот и традициите на италијанските градови. Секоја шолја кафе раскажува своја приказна и нуди поинакво сетилно патување низ Италија.
Преку овие активности, „Неделата на италијанската кујна во светот“ ја истакнува гастрономијата како важен мост за културно поврзување. Италија и Македонија споделуваат блиски вредности, како што се почит кон локалните производи, традиционалните рецепти, семејната трпеза и кон гостопримството. Токму тие заеднички вредности придонесуваат за продлабочување на културната размена и пријателските врски меѓу двете земји.
































