„Мал формат/МиниАртура“ на ДЛУМ во КИЦ

Во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), во Културно-информативниот центар (КИЦ), Скопје, е отворена изложбата „Мал формат/МиниАртура“, на која се претставени 37 автори со 64 дела, а во „МиниАртура“ 27 автори со 47 дела. „Мал формат“ го насочува вниманието кон уметничкото дело со ограничени димензии, но со неограничен простор за визуелна, концептуална и за емоционална интерпретација. Малата површина овозможува концентрација на ликовниот јазик и ја нагласува важноста на секој потег, линија, боја, форма и текстура.
Претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска, укажува дека во рамките на оваа изложба се среќаваат различни авторски пристапи, техники и поетики, кои покажуваат дека форматот не ја ограничува идејата, туку може дополнително да ја засили нејзината експресивност.
– Делото со помали димензии често создава непосредна и интимна комуникација со набљудувачот, барајќи поголемо внимание и поблизок контакт. „Мал формат“ е простор во кој малото станува значајно – како концентрација на мислата, чувството и личниот уметнички ракопис. Изложбата ги потврдува разновидноста на современото ликовно творештво и можноста во мал простор да се создаде силен и целосен визуелен исказ – вели таа.
За изложбата „МиниАртура“ вели дека ја претставува уметноста на прецизноста, концентрацијата и вниманието кон деталот.
– Минијатурниот формат создава специфичен ликовен простор во кој секој елемент има своја функција и значење, а малата димензија станува предизвик за уметникот и можност за исклучително концентриран визуелен израз. Во „МиниАртура“, големината на делото не ја определува неговата содржинска или естетска вредност, напротив, ограничениот простор отвора можност за суптилност, прецизност и истражување на формата, линијата, бојата, светлината и текстурата – вели претседателката на ДЛУМ.
Особената вредност на изложбата „Мал формат“, според Маја Рауник Кирков, претседателка на уметничкиот совет на ДЛУМ, произлегува од коегзистенцијата на различни авторски сензибилитети, техники и поетики.

– „Мал формат 2026“ е афирмација на уметничката мисла, креативната слобода и способноста на визуелниот говор преку минимална физичка форма да презентира комплексни естетски, емотивни и концептуални содржини. Вистинската вредност на делата на оваа изложба се наоѓа во капацитетот одлично да ги презентираат моќта на ликовните идеи и нивните ликовни артикулации – вели Рауник Кирков.
Таа смета дека изложбата „МиниАртура“ претставува специфичен простор на уметничка концентрација.
– Физичката присутност на ликовните дела со минијатурни димензии го менува ритамот на гледање, поттикнува побавно набљудување, приближување и откривање на визуелните слоеви што не секогаш се откриваат при првиот поглед. Овие ликовни дела бараат внимание и посветеност, но за возврат нудат богатство од значења, асоцијации и од естетски доживувања. Во нивните ограничени димензии често се отвораат неограничени простори на имагинацијата. Разновидноста на авторските ракописи и на ликовните решенија ја потврдува способноста на современата минијатура да ги надмине конвенционалните претстави за размерот, обемот и монументалноста на уметничкото дело. Минијатурата станува простор на истражување во кој малото не значи ограничено, туку интензивно, промислено и содржински богато. Оваа изложба ја афирмира уметноста на суптилното присуство – онаа што не ја наметнува својата големина, туку го освојува вниманието со својата внатрешна комплексност, поетичност и изразна моќ – потенцира претседателката на уметничкиот совет на ДЛУМ. В.Д.