Промоција на книгата „Света болка“ од Ефтим Клетников
Денеска, во 12 часот, во кафеаната „Де гама“ во Аеродром ќе се одржи промоција на новата книга на Ефтим Клетников, „Света болка“ – четврти том од неговите „колумни и записи во несоница“ објавувани на страниците на „Нова Македонија“. Книгата ќе ја промовира академик Љупчо Коцарев. „Света болка“ е компонирана од колумните на Клетников објавувани на страниците на „Нова Македонија“ во периодот од јуни 2023 до јуни 2025 година. Читателот што е поклоник на ракописот, идеите и стилот на литерарната уметност на овој автор сега ги има пред себе тие текстови како хомогена книга, како еден широк тек, една фуга што се напојува и извира од многу средишта и од еден примарен епицентар, кој може да се именува со синтагмата: „Македонската историска и метафизичка судбина“ или историски и метафизички проклетилак. Тие средишта за кои станува збор, покрај другото, поврзуваат цивилизации и епохи, настани и личности, но сегде со нив во мрежата и изохипсите на она што Бодлер го нарекува „универзална аналогија“ е присутна Македонија како егзистенција и есенција. И тука, како кај Свети Августин, во неговата теорија за центарот што постои во сѐ бидејќи „Бог е во сѐ и сѐ е во Бог“, па затоа не постои периферија, слична е и сликата со Македонија, која од своето прапостоење што го знаеме и од Библијата спојува цивилизации и народи, една огромна и раскошна културно-цивилизациска слика.
Но таа културолошка духовна слика и е на удар поодамна од Берлинскиот конгрес во 1878 година, особено од 1913 година наваму до денес (а продолжува и понатаму) од нашите канибалистички соседи, пред сѐ од Грците и Бугарите, но силно потпомогнати од западната колонијалистичка цивилизација сега сместена во ЕУ-фотелјите во Брисел. Што, пак, значи дека македонската трагедија, колку и да звучи тоа на прв поглед парадоксално, е цивилизациски проект. За сето тоа Клетников говори со еден аналитички јазик од кој ја создава големата слика на македонската историска и метафизичка судбина.
На околу 700 страници, во „Света болка“ македонскиот културолошки ген, филозофија на поглед на светот и космополитска визија за светот како дом за сите еднакво огреани од сонцето на Господ, контактира со светскиот простор на цивилизации и култури. Во неа алхемиски се довикуваат и се испреплетуваат современоста и древноста во македонски и светски историски и културолошки контекст. Богатство на теми и мотиви што бликаат, се гонат и испреплетуваат низ асоцијации, аналогии и визии од едно средиште – Македонија како извор – и пак се враќаат да пијат на него, да пијат жива вода на постоењето. Сето тоа е стокмено во еден изнијансиран и префинет есеистички контемплативен стил и израз, кој му нуди на читателот врвно интелектуално и естетско задоволство.
На промоцијата на „Света болка“ свој настап ќе имаат и оперскиот пејач, уметник на УНЕСКО, Борис Трајанов, и Дарко Мариновски на електричен клавир.
































