Публиката го памети како култен лик од македонскиот филм „Самоуништување“ од 1996 година. Сега, Чичко Кумплунг добива нов сценски живот во црната комедија работена според „Прирачник за самоуништување“ на Сашко Насев, во режија на Јани Бојаџи.
Со сарказам, хумор и со својата препознатлива „народска филозофија“, повторно го коментира општеството околу себе и сето она што, триесет години подоцна, сè уште ни звучи познато. Оваа црна комедија и сатира го третира општеството во транзицискиот период во Македонија во 1990-тите години. Чичко Кумплунг е ексцентричен, темпераментен и саркастичен лик, кој преку хумор, пцости и „народска филозофија“, ги коментира политиката, секојдневието и апсурдите на времето. Токму поради автентичниот говор и комичните сцени, ликот со години e дел од поп-културата и често се цитира.
Претставата на Кумановскиот театар е на репертоарот на Драмскиот театар вечерва од 20 часот. Во претставата настапуваат: Мирослав Петковиќ, Кети Дончевска-Илиќ, Давид Илиќ, Александра Михајловска-Величковски, Владанка Крстевски, Владо Дојчиновски, Дубравка Киселички и Жарко Јовановиќ.
– Гостувањето на Театар Куманово е дел од серијата гостувања со кои Драмскиот театар ја одбележува својата 80-годишнина. Во годината на големиот јубилеј, сцената ја отвораме и за нашите колеги од другите театри, како дел од заедничкото славење осум децении театар – велат од Драмскиот театар – Скопје.
































