Што значи номинацијата за Европските филмски награди?
Долгометражниот игран филм „17“, дебитантско остварување на режисерката Косара Митиќ, во продукција на продукцијата „Црна мачка“ и Томи Салковски, продолжува со меѓународна афирмација и успеси. Официјално е номиниран во категоријата Европско откритие – награда ФИПРЕСЦИ за 39. издание на престижните Европски филмски награди. Оваа значајна номинација претставува уште една потврда за уметничката тежина и автентичноста на филмот „17“, кој по светската премиера на „Берлинале“, триумфот на Ерусалимскиот филмски фестивал и „Сараево филм-фестивал“, како и неодамнешната скопска премиера во рамките на „Скопје филм-фестивал“, продолжува моќно да ги освојува срцата на меѓународната филмска критика и публика.
Наградата во категоријата Европско откритие, која се доделува во соработка со Европската федерација на филмски критичари, ги афирмира најталентираните нови европски авторски гласови. Вклучувањето на „17“ во оваа ексклузивна селекција е огромно признание за авторскиот тим, но и пошироко – за целокупната македонска култура.
Како дел од трката за победничките признанија, во периодот што следува филмот ќе биде претставен преку специјални кинопроекции и презентации пред членовите на Европската филмска академија низ европските културни центри. Гласањето на членовите на Европската филмска академија ќе се одржи во периодот од 14 декември 2026 година до 7 јануари 2027 година, додека свечената церемонија на доделување на 39. Европски филмски награди ќе се одржи на 16 јануари 2027 година во Атина, кога официјално ќе бидат соопштени победниците во сите категории.
Со оваа европска номинација и статусот на официјален македонски кандидат за наградата Оскар, филмот „17“ ја потврдува својата исклучителна уметничка вредност, истовремено служејќи како вистински амбасадор на новата генерација македонски авторки на меѓународната филмска сцена.
Меѓународната федерација на филмски критичари претставува глобална мрежа на професионални филмски критичари и филмски новинари од повеќе од 80 земји. Основана во 1925 година, а официјално воспоставена во 1930 година, главната мисија на Федерацијата е поддршка на филмот како автономна уметничка форма, од културни, а не од комерцијални или политички причини, со посебен фокус на поттикнување на новото и младинското филмско творештво. Федерацијата активно работи на промоција на филмската уметност и на заштита на слободата и етиката на филмската критика во светот.
Доделувани секоја година од 1988 година, Европските филмски награди ги обележуваат најголемите достигнувања во европската кинематографија. Главната цел на наградите е да ги промовираат извонредноста и разновидноста на европскиот филм, да привлечат нова публика и да го насочат меѓународното внимание кон новите европски филмски таленти. Избрани преку гласање на 5.700 члена на Европската филмска академија, наградите оддаваат признание за врвни уметнички и технички остварувања во 22 категории, вклучувајќи играни, документарни, анимирани и краткометражни филмови, кои кулминираат со престижна годишна церемонија што се одржува во избраниот европски град-домаќин. В.Д.
































