Фото: ЕПА

Пресуда во Хаг за Хашим Тачи и неговите соработници

  • Поранешниот косовски претседател доби 17 месеци затвор за попречување на правдата и за влијание врз сведоци, додека тројца негови
    соработници исто така беа прогласени за виновни – судот утврди дека сведоците во главниот процес за воени злосторства биле изложени на постојан притисок и заплашување

Хашим Тачи повторно се соочи со судска пресуда во Хаг, но овој пат не за воените злосторства за кои се води посебниот главен процес, туку за обидите за попречување на правдата и влијание врз сведоци. Специјализираните совети на Косово вчера го осудија поранешниот косовски претседател на 17 месеци затвор, додека Башким Смакај и Фадил Фазлиу добија по 12 месеци затвор. Поранешниот министер за правда Хајредин Кучи доби условна казна од еден месец, со рок на проверка од една година, а Исни Килај беше ослободен од обвиненијата поради недостиг од докази.
Со оваа одлука, четворица од петтемина обвинети беа прогласени за виновни за попречување службено лице, мешање во кривична постапка и непочитување на судот. Случајот уште еднаш го отвори прашањето за односите и влијанието на поранешните команданти на ОВК врз процесите што се водат за злосторствата од војната во Косово во 1998 и 1999 година.
Судот ги прифати наводите на обвинителството дека главното судење за воени злосторства се одвивало во атмосфера на постојано заплашување, што имало последици и врз сведоците. Според утврденото во пресудата, дел од нив биле изложени на притисоци, а имало и случаи во кои сведоци ги менувале своите искази.
Особено внимание во судската одлука привлекуваат настаните поврзани со посетите на Тачи во притворската единица во јули, септември и во октомври. Судот утврдил дека за време на тие средби, тој откривал доверливи информации поврзани со главниот процес, вклучително и податоци за идентитетот на сведоците, а на посетителите им давал упатства што требало да им бидат пренесени. Целта, според судските наоди, била да се влијае врз начинот на кој тие лица ќе сведочат.
Во еден од случаите, Тачи самиот посочил дека станува збор за сведок од клучно значење за главното судење. Токму ваквите детали, според судот, биле дел од доказите што покажале дека не станувало збор за случајна комуникација, туку за обиди да се влијае врз текот на судската постапка.
Меѓу клучните докази биле аудиоснимките направени за време на посетите во притворската единица, податоците од печатачот што бил користен за печатење доверливи документи, како и материјалите пронајдени при претресите во Косово. Тие, според оцената на судот, помогнале да се реконструира начинот на кој биле разменувани информации и биле давани насоки поврзани со сведочењето.
Сепак, оваа пресуда не треба да се меша со главниот судски процес за воените злосторства. Станува збор за две одделни постапки, иако тесно поврзани преку наводите дека врз сведоците во главниот предмет се вршело влијание. Во тој процес, Тачи беше осуден на 25 години затвор, додека неговите сообвинети добија казни од 13, 18 и од 25 години.
Кога станува збор за казните во најновиот предмет, Тачи ќе ја издржува својата затворска казна по завршувањето на главниот процес за воени злосторства и доколку пресудата биде потврдена. Смакај и Фазлиу, пак, се пуштени на слобода, бидејќи во притвор веќе поминале повеќе од 12 месеци, колку што изнесуваат нивните казни.
Одлуката е првостепена и обвинетите имаат право на жалба. Тоа значи дека правната постапка не е целосно завршена, но пресудата веќе испрати јасна порака за сериозноста на обидите за влијание врз сведоците и попречување на работата на судот.
За Тачи, кој со години беше една од највлијателните политички фигури во Косово и еден од најпрепознатливите поранешни лидери на ОВК, ова е уште едно сериозно соочување со правдата во Хаг. А за јавноста во регионот, случајот е потсетување дека судските постапки за военото минато не се однесуваат само на она што се случувало на бојното поле туку и на обидите, многу години подоцна, да се влијае врз утврдувањето на вистината.

Како Хашим Тачи управувал со кланот од зад решетки?

Според обвинението, во периодот од април до ноември 2023 година, Тачи за време на посети во притворот наводно споделувал доверливи информации за сведоците на обвинителството и давал насоки за влијание врз нивните искази. Обвинителството тврди дека во активностите биле вклучени и другите обвинети. Одбраната, пак, имаше можност да ги оспори наводите во текот на судската постапка.
Обвинителството побара шестгодишна затворска казна за Тачи, при што побара времето поминато во притвор да не му биде пресметано во евентуалната казна. За Башким Смакај, Исни Килај и за Фадил Фазлиу беа побарани по три години затвор, а за Хајредин Кучи девет месеци. Вчерашниот процес е само едно поглавје од долгата судска приказна што ги следи поранешната Ослободителна војска на Косово и нејзините политички и воени лидери.

Тачи веќе е осуден во Хаг на 25 години затвор за воени злосторства

Особено е значаен првостепениот исход од главниот процес, во кој на 16 септември годинава Тачи беше осуден на 25 години затвор за воени злосторства. Истата постапка ги опфати и поранешните високи функционери на ОВК, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. Весели доби 18 години, Красниќи 25, а Селими 13 години затвор. Вкупната изречена казна за четворицата поранешни команданти изнесува 81 година. Судскиот совет утврди одговорност за злосторства поврзани со незаконско лишување од слобода, тортура, сурово постапување и убиства. Според судските наоди, жртвите биле лица што биле сметани за противници на ОВК или за соработници на српските власти, а меѓу нив имало Албанци, Срби и припадници на ромската заедница. Четворицата беа ослободени од обвиненијата за злосторства против човештвото. Станува збор за првостепена пресуда, на која е дозволена жалба. Овие пресуди се дел од поширокото наследство на меѓународното правосудство во Хаг. Поранешниот Меѓународен кривичен трибунал за поранешна Југославија, кој престана со работа во 2017 година, водеше голем број процеси за злосторствата во војните на просторот на поранешна Југославија. Меѓу осудените се Слободан Милошевиќ, против кого постапката беше прекината поради неговата смрт пред донесување пресуда, Радован Караџиќ, Ратко Младиќ, Милан Мартиќ, Никола Шаиновиќ, Властимир Ѓорѓевиќ и голем број други политички, воени и полициски функционери. Караџиќ доби доживотен затвор, како и Младиќ, додека Шаиновиќ беше осуден на 18 години, а Ѓорѓевиќ на 18 години по жалбената постапка.

Меѓународните судови ја утврдуваат индивидуалната, а не колективнатa одговорност

Во процесите поврзани со Косово, особено внимание привлекоа и постапките против припадници на ОВК. Лахи Брахимај беше осуден на шест години затвор, а Харадин Баља на 13 години. Од друга страна, Рамуш Харадинај, Идриз Баљај и Фатмир Лимај беа ослободени од обвиненијата во постапките во кои беа судени. Овие разлики покажуваат дека меѓународните судови ја утврдуваат индивидуалната, а не колективната одговорност. Специјализираните совети на Косово, кои работат во Хаг, се посебна судска институција, формирана за процесирање кривични дела поврзани со извештаите за злосторства за време и по косовската војна. Нивната работа предизвика силни политички реакции во Приштина, но и пошироко во регионот, вклучително и во нашата држава. Затоа денешната пресуда против Тачи има значење што ги надминува рамките на еден судски предмет. Таа ќе покаже дали судот ќе утврди дека имало обиди за попречување на правдата и влијание врз сведоци, но истовремено ќе испрати и порака за односот на судството кон заштитата на сведоците и интегритетот на постапките. Таа порака има специфична тежина и за нашата земја, поврзано за т.н. македонски Хашки случаи.
За Тачи, кој од командант на ОВК стана еден од највлијателните политичари на Косово, а потоа и претседател, ова беше уште едно сериозно соочување со хашкото правосудство. Неговата политичка кариера, која со години беше претставувана како симбол на косовската независност, сега е обележана со две одделни судски постапки.
Прашањето што останува отворено е дали вчерашната одлука ќе ја заокружи оваа фаза од судската битка или ќе отвори ново поглавје во долгогодишниот правен и политички спор околу одговорноста на поранешните лидери на ОВК и на ОНА во Македонија? Р.Б.