Фото: Министерство за транспорт

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски од 23. Виенски економски форум упати апел до Европската Унија да изнајде конкретни решенија за два сериозни проблеми со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан – ограничувањата за професионалните возачи на камиони во Шенген-зоната и отежнатиот извоз на електрична енергија произведена од обновливи извори.

Николоски предупреди дека и покрај долгогодишните разговори, сè уште нема политичко решение за проблемот со професионалните возачи, кои според правилото 90 дена во период од 180 дена се третираат како останатите патници во Шенген-зоната.

– Можеме да имаме убави говори овде, но ако стоката не може да се транспортира до крајниот корисник, не можеме да зборуваме за ништо. Една година зборуваме за овој проблем, а не знам како е можно да се водат само бирократски дискусии, без политичка одлука – порача Николоски.

Тој посочи дека новиот електронски систем за евиденција дополнително го усложнува функционирањето на транспортниот сектор, бидејќи секој ден поминат во Шенген-зоната им се пресметува на возачите, што создава сериозни пречки во меѓународниот транспорт и работењето на компаниите.

Во изјава за МИА, Николоски истакна дека иако Македонија веќе има билатерални договори со неколку држави, проблемот не е целосно решен, бидејќи тие договори не ги опфаќаат сите земји од Шенген-зоната.

– Бараме решение кое треба да го понудат Шенген-зоната и Европската Унија, за овој проблем да се надмине – нагласи вицепремиерот.

Вториот проблем што го актуелизираше на Форумот се однесува на извозот на електрична енергија произведена од обновливи извори. Николоски оцени дека примената на Механизмот за прекугранично прилагодување на јаглеродот (CBAM) создава дополнителни финансиски оптоварувања и за производителите на електрична енергија од регионот, вклучително и оние што користат обновливи извори.

Според него, ваквата состојба ги става во неповолна положба инвеститорите кои вложиле средства во ветерни електрани, соларни централи и хидроенергетски капацитети, а се соочуваат со ограничени можности за пласман на произведената енергија на европскиот пазар.

Николоски посочи дека во Македонија се засегнати кредити во вредност од над 500 милиони евра кај локалните банки, земени од компании кои инвестирале во производство на електрична енергија, но сега се соочуваат со проблеми при нејзиниот извоз.

– Дури и зелената енергија произведена во регионот не може да се извезува. Како тогаш да инвестираме во ветерници, соларни панели и хидроенергија? За зелената енергија треба да има поинакви мерки – порача Николоски.

На 23. Виенски економски форум учествуваа членови на раководството на Форумот, министри од земјите на Западен Балкан, претставници на Европската Унија и високи претставници на меѓународни финансиски институции.

Овогодинешниот настан, под мотото „Виенски дијалог за иднината 2026“, е дел од пошироките европски иницијативи за економска соработка и интеграција, со фокус на поврзувањето на регионалните економии од Јадранското до Црното Море.