Фото: ЕПА/илустрација

Сите 12 членови на екипажот на товарен брод што потона во бугарската економска зона во Црното Море се спасени во акција во која учествувале бродови и хеликоптери, соопшти бугарското Министерство за транспорт.

Бродот „Бетул 8“, кој пловел под сомалиско знаме, испратил повик за помош во понеделникот утрото, откако почнал да тоне на околу 40 наутички милји југоисточно од ’ртот Калијакра, пренесе „Асошиејтед прес“.

Пловилото патувало од романското пристаниште Тулча кон Египет, превезувајќи околу 3.000 тони пченица. Во спасувачката операција учествувале четири бродови – два бугарски, еден романски и еден турски, како и хеликоптери на бугарските воздухопловни сили.

Сите 12 членови на екипажот биле спасени. Според информациите на бугарските власти, осуммина се турски државјани, а четворица се од Азербејџан. Тие биле во добра општа состојба.

Причината за потонувањето засега не е официјално утврдена. Сепак, дел од членовите на екипажот по спасувањето изјавиле пред новинарите дека бродот бил погоден од поморски беспилотни летала. Оваа информација засега не е потврдена од бугарските власти.

Инцидентот се случува во период на зголемени безбедносни ризици во Црното Море, по серијата напади со беспилотни летала врз трговски бродови во близина на бреговите на Бугарија и Романија. Дел од нападите имале и смртни последици, а аналитичарите ги поврзуваат со војната меѓу Русија и Украина.