Фото: ЕПА

Русија сè уште не дала согласност европски претставници да учествуваат во следната рунда мировни преговори за Украина, изјави советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, демантирајќи ги претходните изјави на американските преговарачи дека Европа ќе биде вклучена во разговорите, пренесе „Ројтерс“.

Минатата недела во Абу Даби се одржаа разговори меѓу руски, украински и американски претставници, први по пауза од девет месеци. По средбата, американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер заминаа во Москва, каде што се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин.

По разговорите, американската страна соопшти дека европските претставници ќе учествуваат во следната рунда преговори. Сепак, Ушаков денеска порача дека таков договор со Русија не е постигнат.

– Во моментов се дискутира за одржување на следната рунда во трилатерален формат. Овие преговори продолжија пред неколку дена во Абу Даби и беше договорено дека ќе продолжат. Датумот сè уште не е утврден, а што се однесува до проширувањето на форматот – за кое некои зборуваат – со нас не е постигнат договор – изјави Ушаков пред новинарите.

На прашањето што треба да се случи за Москва да се согласи со учеството на европските претставници, советникот на Кремљ одговори дека претстојат уште многу чекори.

– Можеби ќе треба да се одржи уште една рунда, или можеби и повеќе рунди трилатерални преговори – рече тој.

Ушаков додаде дека евентуалното вклучување на Европа ќе зависи од тоа дали Русија ќе добие јасен сигнал од европските земји за нивните цели и за тоа каков конструктивен и значаен придонес можат да дадат во постигнувањето решение за војната во Украина.

Според извештајот на „Ројтерс“, изјавата на Ушаков ги доведува во прашање претходните најави од американската страна за проширување на форматот на преговорите.