Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Македонија е силно фокусирана на спроведувањето на реформската агенда, модернизацијата на институциите и усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
Ова го истакнал во обраќањето на Форумот за проширување на Европската Унија – „EU Enlargement Forum 2026“, што се одржува во Брисел во организација на Европската комисија. На форумот учествуваат високи претставници на ЕУ и лидери од земјите-кандидати, меѓу кои и македонскиот премиер.

Како што објави Мицкоски на својот Фејсбук-профил, тој посочил дека учеството на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и претстојната примена на принципот „Роаминг како дома“, претставуваат конкретни придобивки за граѓаните и потврда за европската ориентација на државата.
Премиерот нагласил дека проширувањето на ЕУ треба да се темели на заслуги, спроведени реформи и конкретни резултати, со посебен акцент на создавање поодговорни, поефикасни и потранспарентни институции.
– За жал, наместо да се вреднува нашиот реформски напредок, Македонија и понатаму се соочува со условувања поврзани со уставни измени кои навлегуваат во идентитетски прашања. И покрај оваа пречка, остануваме конструктивни, активни и посветени на изнаоѓање решенија, затоа што европската перспектива на Македонија мора да биде јасна, предвидлива и заснована на европските принципи и критериуми – истакнал Мицкоски.

































