Фото: Маја Јаневска Илиева

Електронски алки за следење на насилниците, побрзи полициски интервенции и зајакнување на механизмите за заштита на жртвите се дел од новото законско решение за спречување на семејното насилство, кое веќе е доставено до Собранието. Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за телевизија Сител.

Тој нагласи дека домот треба да биде најбезбедното место за секоја жена, мајка и ќерка, а институциите имаат обврска да обезбедат ефикасна заштита од насилство.

Според Тошковски, на подготовката на законските измени се работело повеќе од пет месеци, во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, невладини организации, експерти, професори, обвинители и судии.

Министерот појасни дека предложените измени ќе овозможат полицијата побрзо да интервенира и поефикасно да постапува при пријави за семејно насилство. Една од новините е и можноста за користење електронски алки за следење на осомничени лица и лица за кои судот ќе донесе соодветна одлука.

– Ова законско решение нема да ја реши состојбата со семејното насилство, но гарантирам дека ќе даде подобри резултати од оние што ги имаме сега – изјави Тошковски, изразувајќи очекување дека пратениците ќе го усвојат во најкраток можен рок.

Осврнувајќи се на зголемениот број пријави за семејно насилство, министерот рече дека ја разбира загриженоста во јавноста, но посочи дека на статистиката влијаат и законските измени, како и поголемата подготвеност на жртвите да го пријават насилството.

Тој информираше дека по измените на Кривичниот законик, кога во рамките на семејството ќе биде пријавена телесна повреда, Министерството за внатрешни работи презема кривично гонење по службена должност. Според него, ова придонело за зголемување од околу 50 проценти на бројот на кривични постапки во споредба со претходната година.

Дополнително, Тошковски соопшти дека во 2026 година е забележано зголемување од 270 проценти на изречените мерки притвор поврзани со семејно насилство. Како што наведе, 163 лица се во притвор или биле во притвор во текот на годината за кривични дела поврзани со овој вид насилство.

Министерот смета дека зголемениот број пријави може да биде показател и за поголема доверба во институциите и охрабреност на жртвите да побараат помош.

Тој посочи дека, според податоците на МВР, има подобрување во полициското постапување, поднесувањето кривични пријави, проценките на ризик и поведувањето итни постапки.

Како споредбен податок, Тошковски наведе дека бројот на смртни случаи поврзани со семејно насилство во 2026 година изнесува седум, исто колку и во 2022 година.

Во интервјуто се осврна и на критиките кон МВР по трагичните случаи на семејно насилство, меѓу кои и убиството на 17-годишната девојка од Богданци. Тој ги осуди обидите, како што рече, овие трагедии да бидат политички злоупотребени.

Тошковски информираше и дека вкупниот број убиства во земјава заклучно со октомври е најнизок во последните шест години, иако случаите поврзани со семејно насилство и понатаму предизвикуваат сериозна загриженост.

Одговарајќи на прашањето дали дел од очекуваните приходи од сообраќајни казни, кои на годишно ниво се проценуваат на 10 милиони евра, би можеле да се искористат за набавка и примена на електронските алки, министерот рече дека тоа е можно.

Тој објасни дека 25 проценти од средствата собрани во рамките на МВР се слеваат во буџетот на Министерството и може да се користат за активности поврзани со безбедноста, вклучително и за заштита од семејно насилство.

На крајот, Тошковски порача дека законските измени се важен чекор кон подобра институционална реакција, но дека сами по себе не можат целосно да го искоренат семејното насилство.