Фото: Кабинет на претседателката Гордана Силјановска-Давкова

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова учествуваше на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин, на кој присуствуваат околу 50 шефови на држави и влади. Централна тема на собирот е „Европа: силна, безбедна и поврзана“.

Силјановска-Давкова се обрати на панел-дискусијата посветена на градењето поконкурентна Европа преку иновации, поврзаност и достапна енергија. Во своето излагање таа ја истакнала тесната поврзаност меѓу европската конкурентност, технолошкиот развој, енергетската безбедност и интеграцијата на земјите од Западниот Балкан.

Според претседателката, силата на Европа произлегува од нејзината способност различностите да ги претвори во соработка, а соработката во заедничко дејствување. Токму оваа способност, оценила таа, е еден од клучните предуслови за европската конкурентност.

Силјановска-Давкова посочила дека конкурентноста денес не зависи единствено од капиталот, големината на пазарите или цената на работната сила, туку сè повеќе од способноста да се поврзат знаењето, технологијата, инфраструктурата, енергијата и човечкиот потенцијал. Овие ресурси, според неа, треба да се претворат во иновации, повисока продуктивност и одржлив економски раст.

Посебно внимание во обраќањето посветила на позицијата на Западниот Балкан, нагласувајќи дека регионот не е надвор од Европа, туку претставува дел од нејзината историја, инфраструктура и безбедносна архитектура.

Притоа, таа ги опишала Европа и Западниот Балкан како „систем на поврзани садови“, во кој случувањата во еден дел неизбежно влијаат врз останатите. Според неа, прашањето не е само како регионот подобро да се поврзе со Европа, туку и дали Европа може да си дозволи да остане недоволно поврзана со простор што има значајна улога во стратешките коридори, енергетските правци, пазарите и човечкиот потенцијал.

– Секое одложување на поврзувањето е пропуштена можност. Секоја одложена инвестиција има економска последица. И секоја политичка цел има цена којашто не ја плаќаат институциите, туку граѓаните – истакнала Силјановска-Давкова.

Во делот посветен на енергетската безбедност, претседателката оценила дека неодамнешните кризи покажале оти економската зависност може да прерасне во стратешка ранливост. Затоа, според неа, енергетската безбедност не подразбира само сигурно снабдување, туку и диверзификација на изворите и правците, поврзување на енергетските системи, развој на технолошките капацитети и можност за носење самостојни одлуки.

Осврнувајќи се на зелената транзиција, Силјановска-Давкова нагласила дека одржливоста и конкурентноста не треба да се третираат како спротивставени цели. Напротив, зелената транзиција може да биде можност за технолошки иновации, индустриска обнова и поголема економска отпорност.

Таа посочила дека иновациите треба да се препознаат како стратешки капацитет за идниот развој на Европа, а не само како инструмент за економски напредок.