Фото: Фонд за здравствено осигурување

Намалување на административните обврски за лекарите, поефикасно функционирање на здравствениот систем и подобрување на здравствените услуги за пациентите биле во фокусот на средбата меѓу генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), м-р Златко Перински, и новоизбраниот претседател на Лекарската комора, проф. д-р Никола Јанкуловски.

На средбата, одржана во просториите на Фондот, биле разгледани можностите за унапредување на меѓуинституционалната соработка, тековните преговори за склучување договори со приватните здравствени установи за 2027 година, како и прашања од заеднички интерес за лекарската професија и здравствениот систем.

Двете институции позитивно го оцениле досегашниот тек на преговорите со приватните здравствени установи, нагласувајќи ја потребата од отворен дијалог, меѓусебно почитување и конструктивно разгледување на предлозите во рамките на надлежностите на секоја институција.

Како конкретен чекор кон продлабочување на соработката, договорено е од јануари 2027 година да започнат со работа заеднички работни групи, со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО). Нивна задача ќе биде да направат сеопфатна анализа на постојната здравствена регулатива и нејзината практична примена.

Работните групи ќе ги идентификуваат административните и процедуралните пречки со кои се соочуваат здравствените работници и ќе предлагаат конкретни решенија за нивно надминување. Акцентот ќе биде ставен на поедноставување на постапките, намалување на непотребната администрација и создавање услови лекарите да имаат повеќе време за пациентите.

Генералниот директор на ФЗО, Златко Перински, истакнал дека целта е да се најдат применливи решенија кои истовремено ќе обезбедат одговорно управување со средствата на осигурениците и поефикасно функционирање на здравствениот систем.

Од друга страна, претседателот на Лекарската комора, Никола Јанкуловски, ја нагласил важноста лекарите активно да бидат вклучени во креирањето на регулативата што директно влијае врз нивната секојдневна работа.

Според него, преку заедничките работни групи треба да се утврдат недостатоците во постојните прописи и да се предложат подобрувања засновани на стручни аргументи и искуства од практиката.

Од ФЗО информираат дека двете институции остануваат посветени на редовна комуникација, стручни консултации и конкретни активности за унапредување на здравствениот систем, со заедничка цел – подобри услови за работа на лекарите и поквалитетна, навремена и достапна здравствена заштита за граѓаните.