Фото: МИА

Уште еден сомнителен случај на морбили е регистриран во земјава, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски. Станува збор за дете постаро од една година, кај кое во тек се лабораториски испитувања за потврдување на заболувањето.

Досега се потврдени пет случаи на морбили, од кои четири кај македонски државјани, а еден кај странски државјанин.

Министерот посочи дека за сите потврдени случаи се спроведува детална епидемиолошка анализа, со цел да се утврдат контактите и навреме да се информираат лицата кои можеби биле изложени на вирусот.

Клековски нагласи дека е забележано зголемување на опфатот со вакцинација и дека државата располага со доволни количества вакцини. Според него, на почетокот биле обезбедени речиси 15.000 дози, а достапни се и дополнителни количини.

Тој воедно демантираше дека Министерството за здравство или друга здравствена институција испратиле препорака до Министерството за образование или Министерството за социјална политика за барање потврди за вакцинација или непримање невакцинирани деца во установите.

Клековски појасни дека апелите на здравствените власти се насочени пред сè кон родителите, кои треба да бидат свесни за ризиците од невакцинирањето, особено за најмалите деца и бебињата.

– Нема подобра заштита од морбили од вакцинацијата – порача министерот, додавајќи дека имунизацијата е најефикасниот начин за спречување на ширење на болеста и избегнување епидемија.

Тој нагласи дека нема потреба од закани, присила или фалсификување потврди, туку од информираност и одговорност на родителите кон здравјето на сопствените деца и на целата заедница.