Полициските службеници Мартин Арсовски и Дарко Милошевски од Пробиштип, кои се меѓу обвинетите во постапката за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, биле упатени на подрачјето на ОВР Кочани без претходно да бидат информирани за конкретните задачи што ќе ги извршуваат, ниту дека ќе учествуваат во контрола на дискотеката. Ова го посведочи Драган Василески, виш инспектор за економски криминалитет во ОВР Пробиштип, пренесе МИА.
Одговарајќи на прашања на одбраната, Василески рече дека на 14 март 2026 година добил наредба од тогашниот началник на ОВР Пробиштип да предложи двајца инспектори кои следната вечер ќе извршуваат службени активности во Кочани.
Според неговото сведочење, ниту тој ниту Арсовски и Милошевски не знаеле какви конкретни активности ќе треба да преземат. Инструкцијата била двајцата инспектори во 20:30 часот, со службено возило, да се пријават на бензинска пумпа во Кочани, каде што требало да ги пречекаат полициски службеници од локалното одделение.
Василески нагласи дека на инспекторите не им било наложено да бидат во униформа, ниту биле информирани за евентуални посебни ризици или за постоење оперативен план за акциската контрола.
Тој посведочи и дека ниту тој ниту инспекторите од Надворешната канцеларија за криминалистички работи во Пробиштип не учествувале во подготовката, организацијата или изработката на планот за акцијата. Додаде дека до денот на трагедијата не слушнал за дискотеката „Пулс“, што, според него, важело и за обвинетите Арсовски и Милошевски.
Говорејќи за разговорите со двајцата инспектори по пожарот, Василески рече дека тие му пренеле оти првично биле распоредени на други локации во Кочани и околината, а дури подоцна добиле задача да учествуваат во контролата на дискотеката.
Според информациите што му ги пренеле, околу 2:30 часот по полноќ Арсовски и Милошевски, заедно со полициски службеници од ОВР Кочани, влегле во објектот. Нивната задача била да извршат проверка на лице за кое постоело сомнение дека поседува наркотични средства.
Василески посочи дека инспекторите постапиле согласно добиените инструкции и при прегледот пронашле материја за која се сомневале дека е наркотична дрога. Тие му кажале дека проверката ја извршувале во близина на тоалетите, а при излегувањето забележале дека гостите почнуваат да го напуштаат објектот и дека настанува метеж.
Наунов: Дали подобрата координација можела да спаси животи?
За време на паузата од рочиштето, во име на родителите на загинатите се обрати Александар Наунов, кој рече дека секое судско рочиште за семејствата претставува повторно преживување на трагедијата.
Тој изрази незадоволство од одговорите што ги слушаат во судницата, посочувајќи дека сведочењата содржат оправдувања, префрлање одговорност и повикување на усни наредби.
Осврнувајќи се на сведочењето за недоволната информираност на полициските службеници од Пробиштип, Наунов праша дали е професионално да се спроведува акција без соодветно информирање и координација меѓу службите.
Тој го постави и прашањето дали навремената координација, професионалното постапување и организирањето коридор за евакуација можеле да спречат дел од трагичните последици.
-Вие имате право на одбрана. Нашите деца немаа право на втора шанса – порача Наунов.
Судењето се однесува на пожарот што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што загинаа 63 лица, а повеќе лица беа повредени. Во предметот се обвинети 13 полициски службеници, за кои Обвинителството тврди дека не постапиле согласно предвидените обврски и акцискиот план поврзан со работата на дискотеката.



































