На четирите малолетнички против кои се водеше постапка за насилството врз 13-годишно девојче во скопската населба Ѓорче Петров им е изречена заводска воспитна мерка – упатување во воспитен дом. Две од нив ќе бидат упатени во домот во траење од една година, додека за другите две е определен период од осум месеци, пренесе МИА.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека постапката е првостепено завршена, но одлуката сè уште не е правосилна.
-Со оглед дека се работи за малолетници и постапката е тајна, можам да ви потврдам дека случајот е првостепено завршен и изречена им е заводска воспитна мерка – упатување во воспитен дом, и тоа една година за две деца, а за две деца осум месеци – соопштија од Судот.
Одлуката е во фаза на писмена изработка, по што ќе им биде доставена на странките во постапката.
Случајот на врсничко насилство во Ѓорче Петров се случи во март годинава и предизвика бројни реакции во јавноста. Дел од насилството беше снимен со мобилни телефони, а снимките подоцна беа споделени на социјалните мрежи.
Против четирите малолетнички претходно беа поднесени кривични пријави за насилство, а постапката се водеше согласно Законот за правда за децата.

































