Фото: ЕПА

Поранешниот американски претседател Џо Бајден бил мета на пропалестински демонстранти за време на ненајавена посета на ирскиот главен град Даблин. Според извештаите на ирските и британските медиуми, дел од демонстрантите фрлале предмети кон него, по што интервенирала полицијата и уапсила две лица.

Бајден (83) пристигнал во Даблин заедно со сопругата, за да присуствува на свеченоста во колеџот „Тринити“, каде што неговиот син Хантер Бајден добил златен медал за, како што беше наведено, „извонреден придонес во јавната дебата“ – објави „Ајриш тајмс“.

Поранешниот американски претседател ја следел церемонијата од првиот ред во свечената сала. Неговото присуство претходно не било најавено, но кога публиката го забележала, го поздравила со громогласен аплауз.

За време на разговорот со присутните по својот говор, Хантер Бајден го критикувал израелското воено дејствување во Појасот Газа, опишувајќи го како „масовно убивање“. Тој оценил дека случувањата во Газа се погрешни и неоправдани, а воедно го бранел и својот татко, истакнувајќи дека одлуките што ги носел биле засновани на информациите со кои располагал во тој момент.

По завршувањето на церемонијата, семејството Бајден било пречекано пред колеџот од група пропалестински демонстранти. Тие протестирале против поддршката што поранешниот американски претседател му ја даваше на Израел за време на неговиот мандат.

За време на протестот, дел од демонстрантите фрлале неидентификувани предмети кон Бајден. Полицијата интервенирала со употреба на солзавец, а две лица биле приведени, пренесуваат британските медиуми.