РЕЦЕНЗИЈА

  • Васил Aтанасов за монографијата „Ванчо Чавдарски – скромниот музички великан“

Во изминативе години ликот и делото на маестро Ванчо Чавдарски како да беа некако запоставени и во сенка на политичките премрежиња. Но неговите сограѓани и почитуваниот писател Јован Мазгански, негов сограѓанин, кој добро ги познава историјата и збиднувањата во Владимирово и Малешевијата, како роден владимирец, прави огромно дело, кое ќе остане за младите генерации, како сведок за генијалноста, талентот и успесите по Европа и светот на големиот маестро со оваа монументална монографија.
Монографијата „Ванчо Чавдарски – скромниот музички великан“ авторот ја оформил во неколку поглавја, тргнувајќи од раното детство на маестро Чавдарски и живот во неговото родно Владимирово опишувајќи го во детали, неговото понатамошно школување и образование во бившата наша држава. Потоа неговите почетоци на уметничко дејствување во Македонија и бивша Југославија, меѓународна кариера, живот и работа во далечната Австралија, написи, осврти и рецензии за неговите настапи, награди и признанија. Повторно враќање во тогашна Југославија како шеф диригент на Радиосимфонискиот оркестар во Белград, а подоцна и во Македонската опера и балет, и повторното негово заминување во светот.
Да се пишува за големиот маестро, диригентот Ванчо Чавдарски е привилегија, бидејќи тој е еден од најголемите уметници на Македонија и поранешна Југославија, кој ги претставуваше македонската уметност и култура на најубав можен начин, во време кога состојбите кај нас на културен план беа со ограничени можности, во текот на формирањето на националните оркестри Македонска филхармонија и Македонска опера и почетокот на културното живеење во целина. Јас ќе се обидам во кратки црти да се осврнам на неговото музичко и уметничко дејствување во Македонија и пошироко.
Тој е првиот диригент што ја поведува Македонската филхармонија на голема европска турнеја, со познати македонски уметници како солисти, истовремено изведувајќи на програмите секогаш и дело од македонски автор. Тој секогаш на гостувањата во Европа и пошироко го истакнувал своето македонско потекло, речиси во сите медиуми во странство, за што постојат пишани прилози, кои се во монографијата. Воодушевувачки е поривот во странство секогаш да изведува македонски автори иако долго време живее надвор од Македонија, а особено изведбата на дела од македонски композитори, како што се дела од нашите познати композитори Тома Прошев, Томислав Зографски и Благоја Ивановски, изведени во далечната Австралија, каде што маестро Чавдарски е долгогодишен шеф диригент на најголемите и најпрестижни оркестри, оставајќи и трајни записи за тамошните радиостаници и телевизии. Неговите изведби секогаш биле будно следени од музичката критика, на почетокот со доза на неизвесност и непознаница за овој млад и талентиран диригент од далечна земја. Но неговиот неспорен талент, вредна работа и поимот за музичката уметност, која ја разбира до најситни детали, му носат прекрасни осврти и рецензии од многу странски медиуми во кои го нарекуваат диригент со голем творечки напон и емоции. Маестро со вулкански темперамент, волшебник со диригентското стапче, со голема сигурност, прецизност и флексибилност на гестовите, што дава одлична флуидна атмосфера и висок професионализам, каде што оркестрите под негово водство звучат сосема различно од претходно и покажуваат огромен музичко-уметнички растеж во секој поглед.

Неговиот пат не бил лесен и едноставен, со оглед на тоа што Македонија во тоа време по ослободувањето била една од најнеразвиените републики. Во тек со работа беа тукушто оформените институции во културата, Македонската филхармонија, Операта и Македонскиот народен театар, како носители на културниот живот во Скопје и Македонија. Но неговиот голем талент, работа и упорност го водат од почетните скалила на музичката летвичка во Скопје до врвовите во светски рамки, почнувајќи во музичкото училиште, каде што учи виолина кај проф. Крстевски и клавир кај проф. Фирфова и напредува одлично. Во тоа време во Скопје работи познатиот хрватски диригент маестро Ловро Матачиќ, кој на младиот Чавдарски му бил идол и не пропушта ниеден негов настап. По Скопје, своето музичко образование го продолжува на Универзитетската музичка академија во Загреб, поддржан со стипендија како талентиран студент, кое трае од 1950-1954 година. Студиите ги продолжува на Факултетот за музичка уметност во Белград, со специјалност диригирање, во класата на проф.Живоин Здравковиќ, кои ги завршува успешно и предвреме 1954-1958, каде што, покрај студирањето, свири и на виола во Белградската филхармонија. Со едногодишна стипендија продолжува да се усовршува во Хамбург, Германија, во класата на проф. д-р Ханс-Исерштет, еден од водечките диригенти во тоа време. По отслужувањето на воениот рок во 1962 година, Чавдарски е примен за постојан диригент на Македонската филхармонија, а подоцна соработува и со Македонската опера и балет. Во меѓувреме, во 1962 година учествува на меѓународниот натпревар за млади диригенти во Ливерпул, Велика Британија, каде што помеѓу 105 кандидати од различни земји во светот тој ја добива втората награда! По овој извонреден успех, на маестро Чавдарски му се отвара нова можност како добитник на стипендија за усовршување од фондацијата „Форд“ во САД и соработка со познатите диригенти Е. Орманди, Е. Леинсдорф, М. Рудолф.
Од 1965 година маестро Чавдарски е музички директор на Македонската филхармонија и диригент на Македонската опера и балет. Го формира Македонскиот камерен оркестар со најдобрите музичари од двата оркестра, со цел да го подигне на повисоко ниво професионалното музицирање кај нас, што дава плод и турнеја со камерниот оркестар во Европа и пошироко. Тој е гостин диригент на оркестарот во Манчестер, Британија, на Ленинградската и Софиската филхармонија, во „Џорџ Енеску“ во Букурешт, како и во сите големи центри во тогашна Југославија.
Одличните критики, рецензии и осврти за неговите настапи одекнуваат надалеку и така ја добива поканата во Сиднејската опера во Австралија во 1970 година, со двегодишен договор. Со успешната соработка со оркестарот, а подоцна и со речиси сите големи оркестри во Австралија, како и со гостувањата во Нов Зеланд, Британија, Венецуела итн., неговиот престој се продолжува на дванаесет години. Покрај уметничката дејност, маестро Чавдарски се реализира и во педагошката дејност како професор по диригирање на Факултетот во Бризбејн, а одржува и семинари по диригирање во Австралија и Нов Зеланд. Соработува со голем број врвни светски уметници, како виолинистите Х. Шеринг, Л. Коган, В. Климов, С. Акардо, И. Штерн, како и оперските диви Џеси Норман (САД), Рита Штрајx (САД), Мерлин Хорн (САД), Еми Шуа, Андре Навара, Хајнрих Шиф, и голем број југословенски и македонски врвни уметници. Настапувал со повеќе од осумдесет оркестри, изведувајќи на својот репертоар над сто симфонии, увертири и 35 оперски партитури.

Големиот маестро Ванчо Чавдарски за својата работа и уметничко дејствување е добитник на голем број признанија и награди.
Негови гостувања се забележани речиси низ цела Европа, Америка, Јужна Америка, Австралија и Нов Зеланд, освен во Албанија и Турција. Како што согледуваме од горенаведеното, тој е великан во музичката уметност, кој на најдобар можен начин ја претставува Македонија во Европа и светот, оставајќи голема уметничка трага со неговото дејствување, кое станува трајна уметничка вредност за Европа и светот, а особено за нас во Македонија.
Затоа сметам дека оваа монографија и авторот Мазгански прават големо дело, не само издание што ќе остане во библиотеките туку и сведок за една голема и успешна кариера за еден од најголемите уметници во историјата на Република Македонија, сведоштво за идните генерации, да осознаат кој бил маестро Ванчо Чавдарски, неговиот живот и дело, неговата уметничка кариера и придонесот во севкупното музичко живеење и традиција кај нас и пошироко во Европа и светот.
Јас, познавајќи го лично и многупати соработувајќи со него, ќе истакнам дека тој беше врвен диригент, со јасен диригентски став и мануелна диригентска техника, јасна за секој музичар. Диригент педагог, кој со своето знаење и педагошки пристап знаеше уметниците да ги воведе целосно и музички, стилски и емотивно во сржта во изведбата на една композиција, придонесувајќи за компактно уметничко дејствување на целиот оркестар, било камерен, симфониски или оперски ансамбл. Постигнувајќи максимални тонски и звучни ефекти произлезени од идејата на авторот на делото, тој како репродуктивен уметник ја прави атмосферата магична, пренесувајќи нѐ во светот и времето кога таа музика била создавана, едноставно брилијантно и волшебно. Нам ни останува да продолжиме да го следиме и чуваме ликот и делото на маестро Чавдарски, пренесувајќи им на помладите генерации, и во блиска иднина да му се оддолжиме со вистинско чествување во слава на неговото големо дело што го прослави името на Македонија низ целиот свет. Ние како иницијативен одбор составен од познати македонски музички уметници, солисти, диригенти, композитори, сликари, писатели, општественици и други и јас како претседател донесовме одлука и предлог-иницијатива до Собранието на Република Македонија големата сала на Македонската филхармонија да го носи неговото име „Сала маестро Ванчо Чавдарски“, како што е ред и традиција во светот. Очекуваме нашиот предлог да го прифати Собранието на РМ и достојно да му возвратиме на овој музички гениј!
Сега, резимирајќи ги неговите музички дострели и неговиот придонес во музичката уметност и култура кај нас и пошироко на нашиот век во Македонија и надвор од неа, можеме со задоволство да кажеме дека сме горди на неговата умешност и кариера, а неговото име и дело ќе бидат патоказ и инспирација за повеќе генерации во уметноста и културата кај нас и пошироко!