Фото: ЕПА

СО ПОБЕДАТА НА МАСТЕРС-ТУРНИРОТ ВО ПАРИЗ

  • Од 1990 година, само 12 играчи успеале да освојат титула на мастерс-турнир од серијата 1.000 во сала, на тврда подлога на отворено и на земјена подлога, пишува АТП

Способноста на Карлос Алкараз постојано да остварува извонредни резултати го етаблира како една од водечките фигури во тенисот, откако Шпанецот го зацврсти тој статус во неделата со освојувањето на својата прва титула на мастерс-турнирот од серијата 1.000 во Париз и обезбедувањето место во ексклузивна група во историјата на тенисот, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).
Од создавањето на таа категорија во 1990 година, само 12 играчи успеале да освојат титула на мастерс 1.000 во сала, на тврда подлога на отворено и на земјена подлога. Во неделата, Алкараз го додаде своето име на листа чие членство бара ретки нивоа на разновидност, амбиција и приспособливост, пишува АТП. Третиот играч на ранг-листата на АТП ја пронајде совршената сцена на мастерс-турнирите за градење на својата кариера, откако триумфира двапати во Индијан Велс и во Мадрид и по еднаш во Мајами, Монте Карло, Рим, Синсинати и во Париз.
Во веќе историската кариера, Алкараз сега ќе има цел да го комплетира т.н. златен мастерс со освојување на сите девет трофеи од оваа серија мастерс-турнири 1.000. Досега само Новак Ѓоковиќ и Јаник Синер го постигнаа овој подвиг. Турнирите во Канада и во Шангај, двата на тврда подлога, ќе бидат меѓу неговите најголеми цели во 2027 година, пишува АТП.

Трофеите на Алкараз на гранслем-турнирите, исто така, ја одразуваат неговата способност да настапува на највисоко ниво на различни површини. Шпанецот ја почна 2026 година со освојување на својата прва титула на Австралија опен и станувајќи најмладиот тенисер што ги комплетирал сите гранслем-трофеи во кариерата, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци.
Алкараз е и најмладиот играч што освоил гранслем-титули на три различни површини. Годинава имаше можност да стане првиот тенисер што успешно одбрани гранслем-титули на три различни типови терени. Алкараз веќе ги одбрани своите титули на Ролан Гарос и на Вимблдон, подвиг што претходно го остварија само Бјорн Борг и Роже Федерер, пишува АТП.
По закрепнувањето од повреда на зглобот поради која паузираше четири и пол месеци годинава, Алкараз се врати на теренот со обновена самодоверба, а неговите неодамнешни резултати во Париз повторно истакнаа една од неговите клучни предности, неговата способност да ја адаптира својата игра и успешно да се натпреварува на различни површини, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци. Н.М.


Шампиони на мастерс-турнири 1.000 на три вида терени

Томас Мустер 1 6 1
Стефан Едберг 3 1 4
Пит Сампрас 8 1 2
Андре Агаси 13 1 3
Рафаел Надал 9 26 1
Роже Федерер 20 2 6
Енди Мареј 10 2 2
Новак Ѓоковиќ 22 11 7
Данил Медведев 4 1 1
Александар Зверев 2 4 1
Јаник Синер 6 3 1
Карлос Алкараз 4 4 1

колоните се за титули на тврда подлога, на земјена подлога и во сала
Извор: АТП