Русија не може да се согласи на итен прекин на огнот во Украина без претходно да биде дефинирано што ќе следува потоа, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, осврнувајќи се на трилатералните разговори меѓу Русија, Украина и САД во Абу Даби.
Лавров оцени дека пред да се разговара за прекин на огнот, неопходно е да се утврдат параметрите на идната безбедносна архитектура во Европа.
– Би било поразумно прво да се разговара за параметрите на идната безбедносна архитектура во Европа, а дури потоа да се разгледа прашањето за прекин на огнот во Украина – изјави шефот на руската дипломатија.
Тој нагласи дека дефинирањето јасни безбедносни параметри пред пристапувањето кон решавање на руско-украинскиот конфликт е разумен пристап. Ова го изјави пред новинарите во Москва, коментирајќи ги разговорите што се водат со посредство на САД.
Ставот на Лавров се разликува од позицијата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која претходно изјави дека пошироките безбедносни преговори треба да започнат дури по постигнувањето прекин на огнот во Украина.
Лавров го отфрли ваквиот пристап, обвинувајќи ги европските земји дека со своите предлози се обидуваат да ѝ овозможат на Украина привремено да ги обнови силите.


































