Американскиот државен секретар Марко Рубио оствари средба со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, на маргините на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Г7.
Рубио на социјалната мрежа „Икс“ објави фотографија од средбата, оценувајќи ја како продуктивна. Посочи дека со украинскиот колега разговарале за тековните преговори за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина, енергетската отпорност и одбранбената соработка.
Сибиха, исто така, преку објава на „Икс“ му се заблагодари на Рубио и на САД за континуираното лидерство и посветеност во справувањето со руската агресија врз Украина.
Претходно, американскиот државен секретар ги оцени како „многу продуктивни“ трилатералните преговори меѓу Украина, САД и Русија, што се одржуваат во Абу Даби.
Рубио нагласи дека во понатамошните разговори треба да бидат вклучени и европските партнери, оценувајќи дека Европа има важна улога во постигнувањето долгорочно решение за конфликтот.
– Сметам дека трилатералниот формат на крајот треба да ги вклучи и нашите европски партнери, бидејќи тие се дел од долгорочното решение на проблемот, изјави Рубио во Париз, каде што учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Г7.
Првата рунда од трилатералните преговори во Абу Даби траеше четири и пол часа, со една пауза од 40 минути. По нејзиното завршување, ниту една од страните не даде изјава за медиумите.
Разговорите меѓу Киев и Москва, со посредство на САД, за постигнување договор за завршување на војната во Украина треба да продолжат утре.


































