Фото: Маја Јаневска Илиева

Со 67 гласа „за“, 15 против и без ниту еден воздржан, Собранието го усвои вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година. Со измените се врши надолна корекција и на приходната и на расходната страна, додека буџетскиот дефицит останува непроменет.

Во собраниската расправа учествуваа само двајца пратеници. Пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, го оцени ребалансот како „комплетен фискален пораз“, додека Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ го бранеше како развоен и одговорен, нагласувајќи дека Владата се грижи за стопанството и животниот стандард на граѓаните.

Тренчевска посочи дека донесувањето втор ребаланс во ноември, само три месеци по претходниот, јулски ребаланс, отвора прашања за квалитетот на економското планирање и управувањето со јавните финансии.

Според неа, потребата од повторно прекројување на државната каса непосредно пред крајот на фискалната година укажува на сериозни слабости во првичните проекции.

Од друга страна, Здравковски оцени дека Владата носи одговорни одлуки и обезбедува функционирање на сите сектори, како и редовна исплата на платите и пензиите. Тој ги посочи и намалените акцизи и ДДВ како мерки со кои се настојува да се заштити стандардот на граѓаните.

Приходите намалени за 5,3 милијарди денари

Со усвоениот ребаланс, вкупните буџетски приходи се проектирани на 374,2 милијарди денари, што е за околу 5,3 милијарди денари помалку од првичните проекции за 2026 година.

Намалување е предвидено и кај расходите, кои сега се планирани на ниво од 420,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит останува на 46,3 милијарди денари.

Образложувајќи ги измените пред пратениците, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека приоритет на Владата е зачувување на економската стабилност и справување со предизвиците предизвикани од продолжените глобални геополитички случувања.

Таа нагласи дека со ребалансот се обезбедува стабилно финансирање до крајот на годината, вклучително и за платите, пензиите, социјалните надоместоци, обврските кон стопанството и отплатата на долговите што доспеваат.

Дополнителни средства за социјална заштита и здравство

Намалувањето на расходите главно произлегува од корекциите кај ставките за стоки и услуги и субвенции. Целта, според образложението на Владата, е порационално трошење и пренасочување средства кон најранливите категории граѓани и здравствените услуги.

Со ребалансот се обезбедуваат дополнителни 3,7 милијарди денари за социјални трансфери, од кои 1,4 милијарди денари за социјални надоместоци, како и дополнителни 887 милиони денари за здравствена заштита.

За Министерството за социјална политика, демографија и млади се предвидени дополнителни 1,8 милијарди денари за поддршка на ранливите категории, социјална помош, народни кујни и социјални услуги. Дополнителни 600 милиони денари се наменети за редовна и навремена исплата на породилните надоместоци.

Капиталните инвестиции проектирани на 40,1 милијарда денари

Капиталните расходи со ребалансот се проектирани на 40,1 милијарда денари. Средствата се наменети за продолжување на инвестициите во одбраната, патната и железничката инфраструктура, комуналните проекти, животната средина, енергетската ефикасност, образованието, детската и социјалната заштита, земјоделството и локалната инфраструктура.

Предвидено е да продолжи и финансиската поддршка за општините, како и реализацијата на капиталните инфраструктурни проекти на локално ниво.