Владата на денешната седница ја усвои потребата од итно мислење од Венециската комисија за предложениот модел за полагање на правосудниот испит. Целта е да се добие независна меѓународна експертска оцена за тоа дали предложеното решение е усогласено со Уставот, меѓународните правни инструменти и европските стандарди.
Како што соопшти Министерството за правда, во рамките на постапката известителите на Венециската комисија ќе одржат средби со претставници на релевантните институции, парламентарните политички партии, деканите на петте правни факултети и претставници на студентските организации.
Предвидени се и практични демонстрации на двата дела од испитот. Писмениот дел ќе биде презентиран во Апелациониот суд во Скопје, додека усниот дел ќе се демонстрира во Министерството за правда.
Од Министерството посочуваат дека предложениот модел предвидува единствен систем на полагање, со еднакви услови и исти професионални критериуми за сите кандидати, без посебни испити или различни стандарди.
Венециската комисија е советодавно тело на Советот на Европа, во кое се застапени 61 држава. Нејзиното мислење треба да обезбеди независна меѓународна експертска перспектива при оценувањето на предложеното законско решение.
Од Владата порачуваат дека законите треба да се темелат на Уставот, правото и европските стандарди, а законските решенија да произлегуваат од правни аргументи и стручна анализа.
































