- Првпат најдобрите светски играчи ќе се натпреваруваат во три шаховски дисциплини (брз класичен, забрзан и брз шах) за да го одредат комбинираниот шампион. Успехот не зависи само од исклучителните шаховски вештини и од постојаната подготовка туку и од навигацијата во уникатен турнирски формат, а играчите мора да ги балансираат брзината, прецизноста и стратешката длабочина низ три различни временски контроли, пишуваат организаторите на ова пилот-СП, кое почнува утре во Будимпешта, а целосната турнеја во 2027 година ќе опфаќа повеќе градови и континенти
Ноември ќе биде важен месец за глобалниот шах, со два големи настана на програмата во Будимпешта и во Женева. Така, прво ќе се одржи пилот-натпреварот Светско првенство во тотален шах, кој ќе комбинира брз класичен шах, забрзан и брз шах, во Будимпешта, од утре до 20 ноември. Потоа следува натпреварот за светската титула за шахисти, во класичен шах, меѓу Гукеш Домараџу и Јавокир Синдаров, во Женева, од 24 ноември и 12 декември. За светската титула се предвидени 14 партии во класичен шах, а ако биде нерешено, со тајбрејкови во забрзан и во брз шах.
КАКО ЌЕ СЕ ИГРА ПИЛОТ-МУНДИЈАЛОТ?
Светското првенство во тотален шах е ново светско првенство (СП) основано од Норвешкиот шах и одобрено од Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Првпат најдобрите светски играчи ќе се натпреваруваат во три шаховски дисциплини за да го одредат комбинираниот шампион, пишува на официјалната интернет-страница на организаторот.
Официјалната пилот-серија ќе се одржи од 10 до 20 ноември, а целосната турнеја во 2027 година ќе ги обедини брзиот класичен, забрзаниот и брзиот шах во едно натпреварувачко патување, кое ќе опфаќа повеќе градови и континенти. Брз класичен шах ќе се игра со време за размислување од 45 минути со зголемување од 30 секунди по секој потег, забрзаниот шах со време од 15 минути плус 10 секунди по секој потег, а брзиот со три минути плус две секунди по секој потег.
Ова пилот-СП почнува со турнирот во брз шах, во девет кола. Резултатите ќе играат важна улога во текот на целото натпреварување. Пласманот на турнирот во брз шах ќе служи како тајбрејкер во групната фаза и ќе помогне да се одредат нокаут-двојките. Потоа, 24-те играчи ќе се натпреваруваат во четири групи, во текот на пет дена. Во секоја група ќе се игра во двоен кружен формат, што значи дека секој играч двапати ќе се соочи со секој од своите пет противници. Според системот за бодување, победа носи три поени, нерешено еден поен, а пораз нула поени. Овој систем ги наградува победите, охрабрувајќи ги играчите да се борат за победа наместо да се задоволуваат со реми. Во исто време, секој пораз станува уште поскап.
Пред да продолжат во следната фаза, играчите ќе имаат еден ден за одмор.
Нокаут-фазата носи ново ниво на интензитет, секој натпревар е важен, а секој играч се бори да ја обезбеди најдобрата можна завршна позиција. Четирите победници во групите ќе се натпреваруваат за шампионската титула, а преостанатите играчи ќе влезат во посебни нокаут-групи за пласман. Пласманот во групите одредува во која нокаут-група влегува секој играч.
Секој нокаут-натпревар ќе се игра во текот на два дена, четири меча во брз шах, два во забрзан и еден во брз класичен шах, а контролата на времето во брз класичен шах ќе биде 15 минути плус 10 секунди по секој потег.
Доделените бодови значително се разликуваат меѓу трите дисциплини. Во брз шах победа носи еден поен, реми половина, во забрзан шах има четири поени за победа, два за нерешено, во брз класичен осум поени за победа и четири за реми, а во секоја дисциплина нема поени за пораз.
Ова им дава поголемо значење на подолгите временски контроли, а осигурува и дека секој дуел може да влијае на исходот. Една особено важна карактеристика е тоа што резултатите се ресетираат секој ден. Победникот на натпреварот од секој ден се одредува според поените собрани во седумте натпревари. Ако резултатот биде нерешен по вториот ден, тајбрејк-натпреварот ќе го одреди победникот.
Полуфиналето е на 17 и на 18 ноември, а натпреварувањето го достигнува својот врв на 19 и 20 ноември, со финалето. Важи истиот дводневен нокаут-формат, при што мечевите во брз, забрзан и во брз класичен шах придонесуваат за дневниот резултат.
Успехот не зависи само од исклучителните шаховски вештини и од постојаната подготовка туку и од навигацијата во уникатен турнирски формат. Играчите мора да ги балансираат брзината, прецизноста и стратешката длабочина низ три различни временски контроли, знаејќи дека еден меч може да го промени текот на натпреварот, пишуваат организаторите на ова пилот-СП.
КОЈ ЌЕ НАСТАПИ
Потврдени играчи (рангирани според нивниот стандарден рејтинг според ФИДЕ од септември 2026 година): Магнус Карлсен (број 1 во светот), Фабијано Каруана (3), Весли Со (5), Винсент Кејмер (6), Нодирбек Абдусаторов (7), Прагнананда (8), Арџун Еригаиси (9), Аниш Гири (10), Алиреза Фирузја (11), Јан-Кшиштоф Дуда (13), Лием Ле (18), Ричард Рапорт (19), Левон Аронијан (20), Ханс Ниман (21), Шахријар Мамедјаров (22), Јан Непомнијашчи (23), Максим Вашер-Лаграв (24), Јорден ван Форест (30), Хаик М. Мартиросјан (50), Владислав Артемиев (65), Абхиманју Мишра (96, најмлад велемајстор во светот), Ендру Хонг (152), Бибисара Асаубаева (број 5 кај шахистките), Ваишали Рамешбабу (број 16 кај шахистките), објави организаторот на пилот-мундијалот. Н.М.
































