„Исцели ја земјата што ангелите ја расипаа и објави го нејзиното исцелување,
за да не загинат сите човечки деца.“ — Прва книга на Енох, 10:7
Енох и Илија се два старозаветни лика што го привлекувале моето внимание уште како дете. Не толку поради преданието дека заминале на небото без да ја вкусат смртта, туку поради нивната непоколебливост и храброста да останат верни на Бога и на совеста, дури и кога тоа значело да стојат сами пред светот во кој живееле. Подоцна разбрав дека човековата цврстина најмногу се испитува токму тогаш кога попуштањето би му донело мир, удобност или признание.
Со годините, во приказните за Енох и Илија почнав да гледам прашање што се однесува и на нашиот секојдневен живот: што го прави човекот голем? Дали функцијата и моќта што ги има или чесноста и храброста што ги покажува кога е тешко да се постапи исправно? И колку сме навистина верни на својата совест ако се спротивставуваме на неправдата само кога тоа не нè чини ништо?
Во Книгата на Енох, едно од најзагадочните дела на древната апокалиптична книжевност, ова прашање добива космички размери. Во десеттото поглавје, Бог му наредува на Рафаил да ја исцели земјата што ја расипале ангелите. Оние што располагале со повисока моќ станале извор на страдање, а човештвото ја поднесувало цената на нивното дејствување. Во таа сцена гледаме длабока морална порака: ни небесната положба не ослободува од одговорност за злото нанесено на човекот.
Ниту моќта, ниту потеклото, ниту положбата не му даваат никому право да го понижува, уништува или поробува човекот. Повисокото место подразбира поголема одговорност. Привилегијата станува морално неодржлива во мигот кога нејзиниот носител почнува да го смета туѓото страдање за природен трошок на сопствената величина.
Ако дури и ангелите, според древното предание, одговараат за злоупотребата на својата моќ, тогаш што да кажеме за земните владетели, генерали, политичари, судии, обвинители и сите други во чии раце се наоѓа дел од туѓата судбина? Кој им ја дал увереноста дека функцијата ја потврдува и нивната праведност?
Токму тука започнува приказната за големите мали луѓе и малите големи луѓе. Првите се обични луѓе, без високи функции и голема моќ, што со својата чесност, храброст и грижа за другите заслужуваат почит. Вторите имаат високи функции и моќ, но ги користат за лична корист и за понижување на оние што зависат од нив. Едните се големи по своите дела, другите само по положбата што ја заземаат.
КОЈ ЈА СОЗДАВА ИСТОРИЈАТА, А КОЈ ЈА СОЗДАВА ЦИВИЛИЗАЦИЈАТА?
Начинот на кој ја раскажуваме историјата открива една длабока нерамнотежа. Најчесто ги запишуваме имињата на оние што командувале со илјадници луѓе, а ги забораваме имињата на илјадниците што ја носеле тежината на нивните команди. Ги паметиме императорите, а многу поретко градителите што ги подигнале нивните градови. Ги славиме освојувачите, а многу помалку учителите и просветителите. Ги бележиме деновите кога паднале тврдините, но ретко ги следиме годините потребни повторно да се изгради животот околу нив.
Разбирливо е историјата да ги проучува луѓето чии одлуки менувале граници и општества. Но влијанието и човечката вредност се различни мерила. Еден човек може да предизвика огромни промени и зад себе да остави пустош. Друг може да помине речиси незабележано, а неговото постоење да биде причината поради која десетици луѓе добиле образование, заштита или надеж. Размерот на последиците сам по себе не кажува дали нечие дело заслужува почит.
Во 1970 година, американскиот режисер Артур Пен го создаде филмот „Малиот голем човек“, со Дастин Хофман во улогата на Џек Креб. Преку неговото необично животно раскажување, филмот ја преиспитува херојската слика за американскиот Запад и го отвора просторот за страдањето на домородните народи.
Неговата приказна ја разнишува удобноста со која гледачот би можел да ги прифати зборовите „освојување“, „напредок“ и „цивилизација“. Зад нив се појавуваат лица, семејства и уништени светови. Она што од далечина личи на историски процес, одблиску станува човечка несреќа. Наспроти Џек стои филмскиот лик на генералот Џорџ Армстронг Кастер, обземен од сопствената претстава за величина. Тука се поставува прашањето што останува и по завршувањето на филмот: кој е големиот човек? Оној што има сила да ја наметне својата волја или оној што успева да ја препознае туѓата болка?
Ова прашање има тежина и во нашето македонско искуство. Додека се расправаме кому му припаѓаат владетелите (како на пример цар Самуил и византискиот цар Василиј II од Македонската династија), лесно ги забораваме луѓето што го продолжиле животот по нивните војни. Ги бараме доказите за своето траење во дворците и воените походи, а помалку се задржуваме врз домовите во кои се зборувал јазикот, се пренесувале песните и се воспитувале децата. Сакаме славни предци, но понекогаш недоволно ја разбираме величината на обичниот предок што успеал да го зачува семејството во тешко време.
Во македонската историја, Крсте Петков Мисирков покажува дека човек може да направи големо дело и без да има висока функција или политичка моќ. Во 1903 година, во книгата „За македонцките работи“, тој ја образложува потребата од македонски литературен јазик. Разбирал колку е важно Македонците да можат слободно да кажат кои се, да пишуваат и да се образоваат на својот јазик. Неговото влијание произлегувало од знаењето и од храброста да ги изнесе своите идеи.
Малиот голем човек постапува поинаку. Тој ја користи власта за да им одредува на другите на кој јазик ќе зборуваат, како ќе се изјаснуваат и што смеат да мислат. Има можност да забранува и да казнува, но не може да прифати луѓето слободно да одлучуваат за себе. Неговата функција е висока, а неговото однесување ја открива неговата човечка слабост.
Мисирков немал моќ да им наредува на другите. Напишал книга чие значење трае и по неговиот живот. Затоа во него го препознавам големиот мал човек: човек без голема политичка моќ, чие дело станало важно за цел народ.
Но за опстанокот на народот придонеле и многу луѓе чии имиња не ги знаеме. Учителот што описменувал деца во мало село. Занаетчијата што ги учел младите на својот занает. Земјоделецот што по војна повторно ја обработувал земјата за да го прехрани семејството. Родителите што им ги пренесувале јазикот, песните и обичаите на своите деца. Луѓето што му давале леб и засолниште на соседот кога ќе останел без ништо.
Кога зборуваме само за владетели, востанија и битки, го забораваме овој дел од нашето минато. Меѓу војните и големите настани, некој морал да ги одгледува децата, да ги учи, да ги лекува и повторно да ги изгради домовите. Токму со таа секојдневна работа народот го продолжувал својот живот. А со грижата за другите создавал заедница во која луѓето можеле да живеат посигурно и подостоинствено.
ГОЛЕМИНАТА СЕ ПРОВЕРУВА ПРЕД ПОСЛАБИОТ
Каков е еден човек најдобро се гледа од неговото однесување кон оние што зависат од него. Лесно е да се биде љубезен со некој што може да ни помогне или да ни наштети. Вистинскиот карактер се покажува кога пред нас стои човек што нема ниту влијание, ниту врски, ниту можност да ни возврати за помошта.
Лесно е јавно да се зборува за правда. Потешко е да се застане зад неа кога неправдата ја направил наш пријател, партиски другар или претпоставен. Тогаш чесноста има цена: треба да ризикуваме нечие незадоволство за да заштитиме човек кому му е нанесена неправда.
Да замислиме една секојдневна ситуација. Повозрасен човек доаѓа на шалтер за да поднесе барање, но не знае како да го пополни образецот. Службеникот може да го врати со зборовите „Не е пополнето“ и да го остави повторно да патува, да чека и да бара помош. Може и да одвои неколку минути, да му објасни што недостига и да му помогне да ја заврши работата според правилата. За службеникот тоа се неколку минути. За човекот од другата страна на шалтерот, тоа може да значи навреме да добие помош од која му зависи секојдневниот живот.
Во судницата одговорноста е уште поголема. Зад бројот на предметот стои човек што чека одлука за својот дом, слобода, работа или можност да го гледа своето дете. Кога едно рочиште се одложува без оправдана причина, тој човек продолжува да живее во неизвесност. За судот тоа е нов датум во распоредот. За него тоа се уште неколку месеци страв, трошоци и чекање. Затоа совесното постапување значи да се разбере и што му се случува на човекот додека ја чека правдата.
Тука ги препознавам малите големи луѓе: во оние што ја користат функцијата за да покажат дека можат да задржат, да одложат или да одбијат. Наместо да објаснат и да ја завршат својата работа, го оставаат другиот да моли. Прашањето го доживуваат како навреда, а барањето за законско право како нарушување на нивниот мир. Нивната важност се потпира врз тоа што некој друг мора да чека пред нивната врата.
Големиот мал човек ја разбира својата одговорност поинаку. Тој може да биде службеникот што трпеливо ќе ја објасни постапката, медицинската сестра што ќе го сослуша исплашениот пациент или работникот што ќе застане во одбрана на неправедно обвинет колега. И тој има свои грижи и стравови, но не ги користи како оправдување да го повреди другиот. Неговата големина се гледа во конкретната постапка со која некому му помогнал да го оствари своето право и да го зачува достоинството.
ОДГОВОРНОСТА НА ОНИЕ ШТО ЗНААТ
Оној што знае да ја препознае неправдата има поголема одговорност кога ќе ја види. Правникот полесно ќе забележи дека некому му е повредено правото. Лекарот подобро ќе ги разбере последиците од одложеното лекување. Професорот ќе препознае кога ученик е казнет поради своето мислење. Од нив со право очекуваме да објаснат што се случува и да направат нешто во рамките на својата работа.
Во Македонија, пример за таква одговорност ни оставил Кочо Рацин. Во „Бели мугри“ тој пишува за тутуноберачите, аргатите и печалбарите – за луѓето чиј труд го одржувал животот, а едвај им обезбедувал пристојна живеачка. Нивната мака ја внесува во книжевноста и ја става пред совеста на читателот. Во „Тутуноберачите“, зад тутунот и заработката ги гледаме луѓето што ги трошат здравјето и животот во тешка работа. „Бели мугри“, објавена во 1939 година, била забранувана и прогонувана. Рациновиот пример покажува дека и книжевниот збор може да стане чин на спротивставување. Тој им дал глас на луѓето што немале можност нивната мака да допре до јавноста. Во тоа се гледа одговорноста на писателот: да го направи видливо страдањето покрај кое другите поминуваат рамнодушно.
Тој пример го поставува прашањето и пред денешните образовани луѓе. Правникот што знае дека некому му е одземено право, професорот што препознава дискриминација и економистот што ги гледа последиците од една неправедна мерка располагаат со знаење што може да помогне. Што ќе направат со него? Ќе им објаснат на погодените како да се заштитат или ќе го употребат своето знаење за да ја оправдаат неправдата?
Секако, никој не треба да обвинува без проверени факти. Одговорниот човек проверува, слуша и ја признава можноста да погрешил. Но кога неправилноста е јасна, постојаното „да почекаме“ станува оправдување за молчење. Особено ако истиот човек брзо ја препознава неправдата кога ја прават неговите противници, а одеднаш станува воздржан кога ја прават неговите пријатели. Додека тој молчи, оштетениот човек продолжува да ги трпи последиците.
Ниту дипломата гарантира чесност, ниту сиромаштијата гарантира добрина. Човек без функција може да биде суров кон послабиот, а човек на висока положба може да постапи праведно и храбро. Затоа големите мали и малите големи луѓе ги препознаваме по нивните постапки. Особено по одлуките што ги носат кога чесноста може да ги чини унапредување, пријателство или лична удобност.
Храброста често почнува со сосема јасни зборови: „Овој кандидат не ги исполнува условите.“ „Јас ја направив грешката.“ „Нема да потпишам неточен извештај.“ Тие реченици лесно се изговараат кога зборуваме за замислена ситуација. Потешки стануваат кога пред нас стои директорот што одлучува за нашето работно место. Тогаш се гледа колку сме подготвени да застанеме зад она што го знаеме.
На општеството му требаат луѓе што ќе постапуваат така и кога ќе се смени власта. Ако неточниот извештај вчера бил неприфатлив, мора да биде неприфатлив и денес, без оглед кој бара да се потпише. Така се создава доверба во институциите: кога граѓанинот знае дека неговото барање ќе се разгледа според истите правила како и барањето на влијателниот сосед. Дека ќе биде сослушан и без препорака. Дека за да го добие она што му следува, нема да мора прво да најде некој што ќе се јави за него.
„ИСЦЕЛИ ЈА ЗЕМЈАТА“
Кога повторно ќе се вратам на Енох, најсилно одекнува повикот за исцелување. Во него слушам барање да се поправи светот во кој злоупотребената моќ оставила рани. Казнувањето на виновниот не го обновува автоматски уништениот живот. Потребни се враќање на одземеното, признавање на страдањето и услови во кои повредениот човек ќе може повторно да живее слободно.
И нашата земја има потреба од такво исцелување: преку одговорни институции и луѓе што ја разбираат тежината на својата должност. Преку враќање на почитта кон чесниот труд, кон знаењето и кон човекот што одбил да се снајде на туѓа сметка. Преку способноста да ги забележиме оние што секојдневно го одржуваат животот, пред да ги испратиме со неколку свечени збора.
На крајот, секој од нас располага со некаков дел од туѓата судбина. Некому можеме да му помогнеме, некого можеме да го повредиме, пред нечие страдање можеме да проговориме или да го свртиме погледот. Тука се одредува нашата вистинска мера.
Пред човечкото достоинство и ангелите одговараат. Нема земна функција доволно висока за да го поништи тоа мерило.
Тони Менкиноски
































