фото: ДЗС

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) безбедно отстрани две минофрлачки гранати од 75 милиметри од Прва светска војна што биле пронајдени на локација каде што се работи на изградба на автопатот Битола – Прилеп.  Местото на минско експлозивните средства (МЕС) прво било обележано по што, тоа место, а и поблиската околина ги проверува стручно лице за да провери дали има уште такви или други заостанати неексплодирани убојни средства (НУС).

– Пиротехничарот на ДЗС, Ѓорѓи Стефанов, вчера попладне согласно стандардните оперативни процедури за НУС двете неексплодирани убојни средства ги подигна од месноста Каракли, кај село Алинци во Oпштина Прилеп и ги складираше, за потоа да биде извршено нивно планско безбедно уништување на соодветна локација, полигон – соопшти ДЗС.

Пронаоѓање на неексплодирани експлозивни средства (НУС), заради безбедносни причини е строго забрането допирање, поместување или манипулирање со пронајденото НУС. Неопходно е веднаш, по пронаоѓањето на неексплодирано убојно средство на било кој терен, тоа да биде пријавено на бесплатниот Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК или во најблиската полициска станица (на бројот 192). Потоа, по обезбедувањето на локацијата безбедно подигање и уништување вршат овластени пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

– Инаку, познато е дека неексплодирани минофрлачки гранати од калибар 75 mm и други НУС од Првата светска војна често се пронаоѓаат на територијата на Македонија, особено во регионите каде што бил Македонскиот, односно Солунскиот фронт. Вакви заостанати неексплодирани експлозивни средства најчесто се пронаоѓаат при земјоделски работи, ископи или градби, а и при прошетки во природата на места каде што се војувало во минатото – посочуваат од ДЗС.