- Има двајца господа што во една кафеана во центарот на Скопје секој ден читаат весник. Едниот го чита од првата страница до последната, а вториот обратно, од последната. Ги сретнав со намера да ги прашам како да го читам извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија – од почетокот или од крајот. Што ми рекоа? Ако ве интересира, читајте
Пред многу години, додека светот се вртеше од лево кон десно, денес сите велат и убедуваат дека светот се движи наопаку, имаше двајца господа, две јаки фаци што од утро до ручек седеа во една градска кафеана во центарот на Скопје. Едниот од нив бил лектор во „Нова Македонија“, другиот писател, но страста, а можеби и потребата на првиот господин да си го чита својот весник, му останала. Вториот господин, исто така, ја читаше „Нова Македонија“ од А до Ш. Првиот ја читаше од првата страница, а вториот од последната. Секогаш велеше: „Ако сакаш да ја разбереш есенцијата, главната порака на Редакцијата, читај од последната страница. Нешто како читање од десно кон лево кај Евреите или Старите Македонци“. Можеби. Ете, тој си има своја логика. Првиот не беше убеден во тоа и си читаше од првата страница, а читаше сѐ до последната страница и поправаше грешки. Лектура на веќе лекторираниот весник. И така, од понеделник до петок, двајцата пијат турско кафенце (не знам по колку дневно), читаат весник и нешто ќе прокоментираат. Ако нешто ги прашаш, ќе ти одговорат, ако не, не започнуваат разговор.
Во деновиве кога „Нова Македонија“ го слави својот 82 роденден, еееј блиску сме до стотка, си помислувам повторно да ги тестирам двајцава фраеришта, па и симболи на едно Скопје што исчезна. Седнати до „Кооператива“, а карши мотел „Македонија“ каде што мирисот на чорбите, кафињата и чадот од цигари се мешаат со оловниот слог на дневните весници. Им велам вака: „Во овој сноп хартија е испечатен на фотокопир најновиот извештај на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2026 година. Па, како да го читам – од првата страница или од последната?“
„Не го читај!“, викнаа двајцата. „Фрли го по Вардар!“ – и покажаа кон Камениот мост. „Која ви е таа Северна Македонија? Јас“, вели првиот господин, „не сум лежел затвор во Идризово за Северна Македонија, а бев апсен заради политички убедувања, за суверена и обединета Македонија“.
„Дечко“, ми вели вториот, „во наше време за вакво нешто летале глави, разбираш? Читај го како сакаш, ние такви извештаи сме прочитале многу, сме читале доверливи писма и директиви, но сме останале на својот камен. Треба да ти биде и да ви биде јасно! Не се собравме од сите краишта на Македонија во ’Свети Прохор Пчињски‘ за сега да читаме вакви памфлети.“
Искривена историја. Штама.
Значи, не сум за да седнам на иста маса со двајцата господа?! И читам сам. Не знам зошто, но ми се виде интересно да почнам да го читам извештајот, хммм да, од последната страница. Можеби има право вториот господин, кој вели дека така ќе долови ја есенцијата на редакторите од Брисел. Отворам на бафтана, Глава 12: Безбедност на храната, ветеринарство и фитосанитарна политика, па се оценува дека земјата има добра подготовка. Е, има една незгода, доцниме во делот за Одржлива употреба на пестицидите. Ќе треба многу подобра контрола. Добро, остварлива работа е тоа, само треба да се усогласиме со европското законодавство. И секако работа на терен токму со тие што користат пестициди и работат со животни, а особено е важно зашто во тој сектор работат и младинци.
Одам понатаму – Јавно здравје. Има подобрување во делот на зголеменото финансирање на јавното (државно) здравство, но сме биле многу подолу од европскиот просек. Не треба да се чека некој друг ова да ни го каже, туку токму здравјето на населението да ни биде приоритет. А притоа народот рекол подобро да се спречи отколку да се лечи. Затоа треба да се инвестира во скрининзи и јавни кампањи. И да се спречи одлив на лекари и медицински сестри. Не смее јавното здравство, кое е и инкубатор на идните здравствени работници, да биде кравата, а приватното да го јаде кајмакот. Но сме го фатиле курсот, тоа е важно и мора да се урне ѕидот на поделба на тие што имаат подлабок џеб со обичните граѓани. Пристапот до добри здравствени услуги треба да го имаат сите.
Ало, пушачи, и во овој извештај ве ставиле, а со вас и Владата. Стариот закон не се почитува, а Брисел ни бара нов, за да се усогласиме. За Владата е предизвик како да го спроведе законот. За нас не е смешно, зашто искоренувањето на навиките е болна работа. А мораме.
Доста читав од крајот, одам од напред. Но ми се залепи еден лист, читам и не можам да верувам. Овие од Брисел поим немаат за кого го пишувале извештајот. Велат заштита на малцинствата. Па какви малцинства, ние имаме делови од народи. Ете, му докажавме на светот дека може и топла вода да се измисли. Како и да е, во тој дел има една шокирачка информација, а се однесува на образованието и Ромите. Иако Македонија има правна рамка за интеграција на малцинствата, сепак загрижува тоа што само два процента од ромските деца се запишуваат во основно училиште. Многу, многу сериозен проблем. Иако и во други етнички средини е познато, но се чува како табу-тема, дека е голем бројот на напуштање на основното училиште на девојчињата уште во основно.
И на крајот Брисел ни го плеснал – не сме ја ратификувале Европската повелба за регионални и малцински јазици. А зошто? Измисливме топла вода и со албанскиот јазик, сега ќе треба да измислиме и специјален шампон. Нешто што ќе ни го испере срамот и ќе ни го обели образот. Секако, ако ни е важно тоа.
И си читам и читам и гледам дека земјава е солидно подготвена за сериозни преговори за членство во ЕУ, ама треба во Уставот да ги вклучи граѓаните што живеат во нејзините граници, „како што се на пример Бугарите“. Не велат на пример Хрватите или на пример Евреите, туку Бугарите се земаат како пример. Значи, и Брисел измислил топла вода и ЕУ е на чекор да смисли и специјален шампон за специјалната вода. Замрсена е ситуацијата, иако не мора да биде така. Можеме да решиме некои работи со референдум, иако Брисел знае дека ќе ги зезнеме ако одиме на плебисцитарно изјаснување. Ќе туркаат они попреку, се знае тоа.
Ејјј, ми довикуваат двајцата господа. Не читај, прочитани се они одамна. Но можеби е и добро што толку долго нѐ оставија во нивната чекалница, затоа што така и ние созреваме. Се заплеткаа тие и не знаат како да се отплеткаат. Европа во една, па во две брзини, па Европа што има право на вето, а другата Европа нема такво право, па за некого отворен пазар, за некого полуотворен. Ако сакаат веднаш можат да нѐ примат, подобри сме од многу држави што порано станаа членки. Порачуваме: Не дозволувајте да станеме депонија на европското ѓубре од секаков вид. И како реалност и како метафора. Ако ги загубиме сувереноста и достоинството, нема ништо да ни остане, па ни сметките во банката, ниту, пак, чергата пред куќниот праг. Рекоа двајцава и си заминаа. Но многу кажаа.
Христо Ивановски
































