Создавањето поквалитетни, поефикасни и подостапни здравствени и социјални услуги за граѓаните е еден од приоритетите кон кои треба да се стремиме. Ова беше истакнато на меѓународната конференција „Социјални и здравствени услуги – предизвици и можности“, која започна денеска, а ќе трае до утре.
На конференцијата учествуваат професионалци, експерти, претставници на институции, организации и практичари од земјава и од странство, меѓу кои и од Австрија, Црна Гора, Албанија и Србија. Целта е размена на искуства, знаења и добри практики во областа на социјалните и здравствените услуги, како и унапредување на соработката меѓу различните сектори.
Организатор на конференцијата е Центарот за развој и едукација – Прилеп. Според Марина Тошеска, преку споделувањето на искуствата и практиките се создаваат можности за градење заедница во која граѓаните ќе добиваат поквалитетна и подостапна грижа.

– Во фокусот на конференцијата се современите предизвици, можностите за унапредување на социјалните и здравствените услуги, значењето на меѓусекторската соработка, како и создавањето поквалитетни, поефикасни и подостапни услуги за граѓаните. Ова е втора година по ред како се одржува конференцијата. Можеме да кажеме дека кај нас во изминатиот период се направени значајни чекори во развојот на социјалните услуги. Станува збор за услуги како помош и нега во домот, лична асистенција, дневни центри за стари лица и други форми на поддршка – истакна Тошеска.
За значењето на меѓународната размена на искуства говореше и Штефан Нидермосер, проект-координатор од Австрија, кој посочи дека двете земји имаат можност да учат една од друга во поглед на организирањето и обезбедувањето социјални и здравствени услуги.
– Во Австрија имаме финансиски средства за овие услуги, но и скап социјален систем. Во Македонија, пак, се применува мултисекторски пристап. Кај нас е позастапена доброволната и волонтерската работа, додека во Македонија поголема улога има семејната поддршка. Сепак, мултисекторскиот пристап е значаен и во двата случаи. Затоа, размената на искуства е взаемна и сите можеме да научиме едни од други – истакна Нидермосер.
Меѓународната конференција претставува можност за презентирање на успешни модели и добри практики, отворање значајни прашања и поттикнување на соработката меѓу професионалците, институциите и организациите од земјава и странство, со заедничка цел – развој на поквалитетен и подостапен систем на здравствени и социјални услуги за сите граѓани.
Ка.М.



































