Москва и Киев повторно на преговарачка маса
На 10 и 11 ноември Русија, Украина и САД ќе седнат на иста маса во Обединетите Арапски Емирати. Вашингтон најавува нов дипломатски обид за запирање на војната. Сепак, засега „територијалните прашања“ како и т.н. „безбедносни гаранции“ остануваат линија на несогласување меѓу Москва и Киев
Русија и Украина повторно се враќаат на преговарачката маса, овој пат со директно американско посредување. Средбата е закажана за 10 и 11 ноември во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати (ОАЕ), а нејзината потврда отвора ново поглавје во дипломатските напори за завршување на војната, која влегува во својата петта година.
Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф соопшти дека „разговорите ќе се водат во работен формат“ и ќе бидат насочени кон „повоените безбедносни аранжмани, намалувањето на тензиите, хуманитарните прашања и следните чекори кон мировно решение“. Американската делегација се очекува да ја предводат Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп, додека Москва ја потврди својата подготвеност за учество. Според Кремљ, рускиот преговарачки тим ќе го предводи Владимир Медински.
За Вашингтон ова е уште еден обид да се постигне дипломатски напор и да се реализира една од најголемите надворешнополитички амбиции на Трамп – ставање крај на војната во Украина.
Вашингтон го засилува притисокот, Европа бара гаранции
Пред средбата во Емиратите, американските претставници ќе одржат разговори во Брисел со претставници на Франција, Германија, Велика Британија, Европската Унија и НАТО. Во центарот на овие консултации ќе бидат т.н. „безбедносни гаранции за Украина, идниот безбедносен поредок на европскиот континент и економската поддршка за обновата на украинската држава“.
Овој дипломатски распоред покажува дека евентуалниот договор нема да биде само билатерално прашање меѓу Москва и Киев. Неговите последици ќе ја определуваат и идната архитектура на европската безбедност.
Сепак, најголемиот проблем останува фактот што двете завојувани страни сè уште се далеку од усогласување на условите за завршување на конфликтот. Територијалните барања, безбедносниот статус на Украина и гаранциите дека војната нема повторно да избувне се прашања на кои засега нема заеднички одговор. Во меѓувреме, Трамп го засилува притисокот врз украинското раководство за постигнување договор.
Емиратите се место каде што дипломатијата веќе донесе резултати
Изборот на Абу Даби не е случаен. Обединетите Арапски Емирати веќе изградија посредничка позиција во односите меѓу Москва и Киев, особено во хуманитарните преговори и размената на заробеници. На 26 јуни, Министерство за надворешни работи на ОАЕ соопшти дека со нивно посредување биле разменети уште 320 заробеници – по 160 од секоја страна. Тоа била 25-та успешна посредничка мисија, со што вкупниот број разменети лица достигнал 7.791. Токму овие резултати му даваат дополнителна тежина на изборот на Емиратите како место за продолжување на преговорите. Додека големите политички и воени прашања остануваат нерешени, хуманитарната дипломатија покажува дека дури и во услови на длабока конфронтација може да се постигнат конкретни договори.
Но, вистинскиот тест допрва доаѓа. Средбата на 10 и 11 ноември ќе покаже дали Вашингтон може да ги приближи спротивставените позиции или повторно ќе се соочи со неподготвеноста на двете страни да направат суштински отстапки. Абу Даби можеби нема веднаш да донесе мир, но фактот што Москва и Киев повторно ќе разговараат со американско посредување е дипломатски сигнал што не треба да се потцени. Преговорите ќе започнат со надеж во јавноста дека конечно ќе се појави основа за договор што ќе може да ја запре војната. Р.С.
































