Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, се извини на новинарите доколку неговата изјава дека медиумите ја урнале „Алта банка“ била сфатена како критика кон македонските медиуми. Во објава на социјалната мрежа Х, тој појасни дека зборувал за случувањата во Србија и за информациите што се објавувале во тамошните медиуми.
По реакциите во јавноста на неговото гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, Славески објасни дека неговиот коментар се однесувал на шпекулациите и непроверените информации што циркулирале во Србија пред одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа на банката.
– Во еден момент во мојот настап во емисијата „Топ тема“ на Телма во минатиот понеделник изнесов став околу една од можните причини за брзото пропаѓање на Алта банка од Белград. Спомнав дека „Медиумите ја урнаа банката…“, мислејќи на мноштвото шпекулации и непроверени информации кои циркулираа во медиумскиот простор во Србија неколку дена пред одлуката на НБС за одземање на дозволата за работа на банката – наведе Славески.
Тој нагласи дека во ниту еден момент не мислел на македонските медиуми, ниту имал намера да ја доведе во прашање нивната професионалност.
– До мене допираат информации дека наводно сум вперил прст кон домашните медиуми. Сакам да појаснам дека во тој дел од емисијата зборував за случувањата поврзани со „Алта банка“ во Србија и за објавите во тамошните медиуми во врска со одливот на средства од банката. Во ниту еден момент не мислев на „Алта банка“ АД Битола, ниту, пак, сакав да ја доведам во прашање професионалноста на македонските медиуми – посочи гувернерот.
Во однос на случувањата во Македонија, Славески смета дека прес-конференциите на СДСМ придонеле за создавање недоверба и дополнителен притисок.
– Во однос на случувањата кај нас, сметам дека прес-конференциите на СДСМ придонесоа за создавање недоверба и дополнителен притисок, во контекст на кој беше воведена и заштитната мерка за ограничување на исплатите на 10.000 денари неделно – наведе тој.
На крајот од објавата, Славески упати извинување до новинарите кои евентуално се почувствувале навредени од неговата формулација.
– Особено ми паѓа тешко доколку мојата изјава е разбрана поинаку од новинари и припадници на новинарската фела чија работа исклучително ја почитувам и чии текстови редовно ги читам. Доколку со мојата формулација, макар и ненамерно, сум навредил некого од новинарската фела, искрено се извинувам. Тоа во никој случај не беше мојата намера – порача гувернерот на Народната банка.


































