Книгата „Археолошки комплекс Старо Бонче“ на авторите проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, проф. д-р Антонио Јакимовски од Катедрата за археологија при Филозофскиот факултет во Скопје и Душко Темелкоски, кустос-советник во НУ Завод и Музеј – Прилеп, е сублимат на резултатите од 20-годишните истражувања на односниот простор помеѓу двете прилепски села Бонче и Подмол.

Во неа се наведени сите претходни истражувања во рамките на комплексот и се дадени детални описи на секоја микролокација, со илустрации на пронајдените градби и движни наоди на накит, керамички и метални садови. Во посебен дел каталошки се презентирани евидентираните монети на македонските антички кралеви и оние од римскиот царски период кои циркулирале во времето на постоењето на градот под Селечка Планина и нејзиниот највисок врв Висока.
Секако, најрепрезентативна е монументалната гробница од т.н. „македонски тип“ на локацијата позната како Павла Чука – единствена од тој тип кај нас – која ги има трите архитектонски градежни делови: ходник (дромос), преткомора и комора во којашто биле положени посмртните останки на погребаниот покојник и гробните дарови за него. Се претпоставува дека оваа гробница била вечен дом на некој од пелагониските кнезови.
Воедно, истражувачите според сите наводи од истражувањата ја пласираат хипотезата дека Старо Бонче е всушност позицијата на сè уште неубицираниот антички град Пелагонија, главен град на истоименото раноантичко кнежество, а потоа во римскиот период на Четвртата Македонска Мерида (област).
Не помалку репрезентативни се и остатоците од трите штитови со централно сонце на нив и седум помали, радијално распоредени сонца околу него. Во кружна лента стојат името и титулата на македонскиот крал Деметриј I, кој владеел на почетокот од третиот век пред новата ера. Веројатно станува збор за прилози во вотивна јама посветена на воен ветеран на кралот, можеби негов офицер, кој бил родум токму од градот под Селечка Планина.
Издавањето на книгата е со поддршка од Општина Прилеп, додека истражувањата континуирано продолжуваат и наредната година во рамките на проектната програма на Министерството за култура и туризам, а во кореализација на Катедрата за археологија од Филозофскиот факултет – Скопје и НУ Завод и Музеј – Прилеп.
Секако, потребно е посветување поголемо внимание на овој комплекс археолошки наоѓалишта со вложување пред сè во инфраструктурата, со што би се олеснила пристапноста, како и реализација на проектот за конзервација на гробницата на Павла Чука. Со тоа Општина Прилеп и нашата држава би добиле значаен и атрактивен пункт на мапата на културниот туризам, со што би се анимирале не само научните работници, туку и пошироката јавност. Ка.М

































