Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе стори сѐ за да успее средбата со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, но нагласи дека може воопшто да не отиде или уште на самиот почеток да ги напушти разговорите ако смета дека тие нема да донесат резултати или дека се неуспешни.
Трамп исто така нагласи дека кампањата за максимален притисок врз Северна Кореја ќе продолжи „сѐ додека таа не се откаже од нуклеарното оружје“.
На заедничка прес-конференција со јапонскиот премиер Шинзо Абе тој нагласи дека „мора да се прекине со нуклеарното оружје, идеално секаде во светот“.
Државната севернокорејска агенција КЦНА, пак, објави дека Северна Кореја денеска ќе одржи пленарна седница на Централниот комитет на владејачката партија на која ќе се разговара и одлучува „за прашања на политиката во новата фаза“ и за да се исполнат барањата на „актуелниот историски период“.
Трамп неделава потврди дека бившиот директор на ЦИА и кандидат за функцијата шеф на американската дипломатија Мајк Помпео неодамна тајно ја посетил Северна Кореја и се сретнал со нејзиниот лидер Ким, што е највисок контакт меѓу двете земји уште од 2000 година. Трамп и Ким се очекува да се сретнат до јуни, но сѐ уште ја разработуваат агендата и локацијата на самитот.