• Преку дата-логерите континуирано се следат пештерската микроклима и хидролошките услови во подземните води, а преку фотозамките се следи фауната што живее во пештерите или повремено ги посетува пештерите

Во рамките на 17-то издание на фестивалот на планински филм „Ехо“ се одржа предавање на темата „Спелеолошки истражувања на Галичица“. Презентацијата е на Билјана Гичевски (Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, Факултет за природни и технички науки, УГД-Штип).
Планината Галичица се одликува со изразен карстен релјеф. Процесите на растворање во карбонатните карпи овозможиле формирање различни типови пештери што претставуваат значаен предмет на спелеолошки и научни истражувања. Предавањето ги претстави пештерите истражувани од Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“-Скопје, морфолошките карактеристики и особености, нивната микроклима и пештерската фауна.
Посебен акцент беше ставен на современите методи за следење на условите во пештерските екосистеми. Преку дата-логерите континуирано се следат пештерската микроклима и хидролошките услови во подземните води, а преку фотозамките се следи фауната што живее во пештерите или повремено ги посетува пештерите. Овие мерења овозможуваат подобро разбирање на пештерските екосистеми и нивното функционирање.
– Како значаен чекор кон долгорочно следење на природните процеси во регионот е воспоставен траен мониторинг-систем со метеоролошка станица во Преспанскиот Регион и хидролошка станица на Преспанско Езеро, кои се меѓусебно линковски поврзани. Системот овозможува континуирано следење на метеоролошките и хидролошките параметри, создавајќи основа за проучување на поврзаноста меѓу атмосферските услови, површинските и подземните води и функционирањето на карстниот систем на Галичица – споделија од „Ехо“.
Предавањето понуди поглед зад сцената на спелеолошките истражувања, откривајќи како теренската работа, современата мерна технологија и воспоставениот мониторинг придонесуваат за подобро запознавање, разбирање и зачувување на подземното природно богатство на Галичица.