Фото: ЕПА

Неколку интересни аспекти на анализата на американскиот правник и публицист Џефри Тубин, објавена во „Њујорк тајмс“

  • Според анализата во „Њујорк тајмс“ на американскиот правник и публицист Џефри Тубин, „американскиот политички систем сè помалку функционира како рамнотежа меѓу институциите, а сè повеќе како механизам што му овозможува на кој било што ја извршува функцијата претседател на САД да ја зачува иницијативата. На пример, сега, дури и евентуална изборна победа на демократите, може да се покаже недоволна за ограничување на Доналд Трамп…“ На што се потпира ова негово толкување, кое одекна силно во американската јавност?

Надежите на американските либерални кругови дека меѓуизборите за Конгресот ќе означат пресврт во политиката на Доналд Трамп се соочуваат со една непријатна можност. Имено, демократите можат да освојат мнозинство, а сепак да не успеат суштински да го ограничат претседателот. Тоа е основната теза на анализата на американскиот правник и публицист Џефри Тубин, објавена во „Њујорк тајмс“.

ИЗБОРНА ПОБЕДА БЕЗ ВИСТИНСКА МОЌ?

Пораката е значајна и надвор од САД. Таа укажува дека во современата американска политика изборите остануваат клучен инструмент на демократската контрола, но нивниот резултат не гарантира автоматска промена на политичкиот курс. За да се разбере ова, потребно е да се разликува формалната власт од реалната способност таа да се ограничи.
Таканаречените „меѓуизбори“, закажани за утре (3 ноември), се однесуваат на изборот на членови на Конгресот, а не на претседателот. Ако демократите освојат мнозинство во Претставничкиот дом, Сенатот или во двата дома, тие ќе добијат посилна позиција за надзор, законодавни иницијативи и контрола врз буџетот. Но тоа не значи дека ќе можат едноставно да ја преземат извршната власт или да ги поништат/поништуваат претседателските одлуки.

КОНГРЕСОТ МОЖЕ ДА ИСТРАЖУВА, НО КАКО МОЖЕ ДА РЕАГИРА?

Една од најважните функции на Конгресот е – контролата врз извршната власт! Конгресните комисии можат да отвораат истраги, да бараат документи, да повикуваат сведоци и да испитуваат дали администрацијата ги прекршила, злоупотребила или, воопшто, дали се однесува одговорно во однос на своите овластувања. За опозицијата, тоа е начин да ја изложи на јавноста работата на претседателот и неговите соработници.
Но истрагата не е исто што и инструментот санкционирање (казнување). Ако Белата куќа одбива да соработува, спорот може да заврши пред судовите, каде што правните постапки некогаш се брзи и ефикасни, но во голем број случаи можат да траат долго. Во такви околности дури и сериозните политички и други прекршувања што би биле детектирани од Конгресот не мора да завршат со брза институционална последица.
Токму тука лежи една од слабостите на парламентарната контрола во поларизирана Америка. Имено, токму „времето може да стане сојузник на претседателот“. Ако спорот се одолжува до крајот на неговиот мандат, дел од политичката цел на истрагата може да биде изгубен, дури и кога Конгресот формално ја добил битката за пристап до информации.
Дополнителна тежина има пресудата на Врховниот суд од 2024 година, која признава широк имунитет на претседателот од кривично гонење за службени дејства. Тоа, сепак, не е неограничен имунитет за секое постапување. Судот направи разлика меѓу службените и приватните дејства, како и меѓу различните категории претседателски овластувања.
Политичката последица е дека утврдувањето одговорност на претседателот може да стане правно посложено. А кога правните граници се предмет на долги судски спорови, контролата врз извршната власт станува помалку непосредна и понеизвесна.

ПРАШАЊЕТО ЗА ИРАН: КОНГРЕСНОТО МНОЗИНСТВО МОЖЕ ДА ГО ЗАБАВИ ТРАМП, НО НЕ И ДА ГО ЗАПРЕ

Уште поголем предизвик за демократите би бил обидот да ја ограничат воената политика на Трамп, особено во однос на Иран. Конгресот има значајни уставни овластувања во врска со војната и финансирањето на државните активности. Но практичната употреба на тие овластувања е многу покомплицирана отколку што изгледа на прв поглед. Ако демократите се обидат да го прекинат финансирањето на воените операции, администрацијата може да се повика на средствата што претходно биле одобрени за Пентагон, во зависност од нивната намена и законските ограничувања. Дополнително, претседателското вето може да го блокира новиот законски предлог, освен ако Конгресот не обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома за негово надминување.
Такво мнозинство е тешко остварливо во услови на длабока партиска поларизација. Затоа изборната победа на демократите не би значела автоматски прекин на воените активности. Таа би можела да отвори простор за поголем надзор, политички притисок, јавни сослушувања и обид за ограничување на буџетските овластувања, но не нужно и за непосредно запирање на претседателската политика. Оваа разлика е суштинска, затоа што Конгресот може да го зголеми политичкиот трошок на некоја одлука, без нужно да располага со доволно правни и политички инструменти за веднаш да ја поништи.

СЕНАТОТ – НАЈВАЖНАТА ИНСТИТУЦИОНАЛНА БАРИЕРА

Ако постои област во која изборниот резултат може да има долгорочно влијание врз политичката моќ на Трамп, тоа е Сенатот. Неговата улога во потврдувањето на федералните судии, вклучувајќи ги и судиите на Врховниот суд, му дава на сенатското мнозинство можност да влијае врз правната архитектура на државата. Доколку демократите освојат мнозинство во Сенатот, би можеле да ги забават или блокираат претседателските номинации за судиски функции. Тоа би било особено значајно затоа што федералните судии, кои во голем број случаи имаат долгорочни мандати, можат да влијаат врз толкувањето на уставот, граѓанските права, регулативата и границите на извршната власт со децении.
Сепак, и тука треба да се избегнува предимензионирање. Сенатското мнозинство не може да ги смени судиите што веќе се на функција само затоа што не се согласува со нивните одлуки. Негова најсилна алатка е контролата врз идните именувања, а не непосредното преобликување на постојниот судски состав. Оттука, изборите за Сенатот не се само борба за партиска предност. Тие се борба за долгорочното влијание врз институциите што ги толкуваат законите и ги поставуваат границите на претседателската власт.

КРИЗА НА КОНТРОЛАТА И РАМНОТЕЖАТА (CHECKS AND BALANCES SYSTEM)

Поширокото прашање што го отвора оваа анализа е дали американскиот систем на поделба на власта сè уште функционира со истата ефикасност како во минатото. Уставниот модел предвидува претседател, Конгрес и судство што меѓусебно се контролираат. Но институционалните механизми не функционираат изолирано од партиските интереси, судските толкувања и политичката подготвеност за компромис.
Кога претседателот располага со цврста партиска поддршка, кога неговата администрација може да ги оспорува конгресните истраги пред судовите и кога законодавното мнозинство не е доволно силно за да го надмине ветото, формалните овластувања на Конгресот можат да се покажат ограничени во практиката. Тоа не значи дека американската демократија автоматски престанува да функционира. Значи дека демократската контрола може да стане побавна, поскапа и помалку ефикасна. А токму во тие празнини меѓу формалното право и реалната моќ се отвора простор за претседателот да ја задржи политичката иницијатива.

НЕ Е ДОВОЛНО ДА СЕ ПОБЕДИ НА ИЗБОРИ

Суштината на анализата на Тубин е дека политичката победа и институционалната моќ не се секогаш исто. Демократите можат да ги добијат изборите за Конгресот, а сепак да немаат доволно инструменти за да го запрат Трамп во најважните области на неговата политика. Тоа е предупредување за сите што веруваат дека изборниот резултат сам по себе може да ги реши институционалните конфликти. Во американскиот систем, победата на опозицијата може да ја промени политичката атмосфера, да ги засили истрагите и да ги зголеми трошоците на претседателските одлуки. Но за вистинско ограничување на извршната власт се потребни и доволно силни мнозинства, правни механизми и институции подготвени да ги спроведуваат своите овластувања. Прашањето, според тоа, не е само дали демократите ќе победат на 3 ноември. Прашањето е дали ќе можат таа победа да ја претворат во реална контрола врз претседателската власт. А одговорот, барем според аргументите изложени во оваа анализа, е дека патот од изборна победа до политичко ограничување на Трамп може да биде многу подолг и потежок отколку што очекуваат неговите противници. Р.С.


Некои заклучоци од анализата на американскиот правник и публицист Џефри Тубин, објавена во „Њујорк тајмс“, и за светот, а и за Македонија

Според нашиот соговорник, искусен дипломат од кариера и политички аналитичар, анализата на американскиот правник и публицист Џефри Тубин, објавена во „Њујорк тајмс“, има специфична политичка тежина, на која е неопходно да се обрне соодветно внимание.
– За европските сојузници на Вашингтон, соодветна антиципација од анализата за евентуалниот ваков развој на настаните носи важна поука. Промената на конгресното мнозинство не мора да значи промена на американската надворешна политика. Државите што очекуваат демократска победа да донесе брзо враќање кон предвидлива американска политика би можеле да се соочат со разочарување. За Македонија, како мала држава што својата безбедносна и надворешнополитичка стратегија ги поврзува со НАТО и трансатлантските односи, ова е особено важно. Вашингтон останува клучен сојузник, но политичките одлуки во САД не зависат само од изборните резултати. Тие зависат и од институционалните ограничувања, односите меѓу Белата куќа и Конгресот и способноста на претседателот да ги спроведе своите приоритети.
Затоа македонската дипломатија не би требало да се потпира на претпоставката дека промената на мнозинството во еден од домовите на Конгресот автоматски ќе донесе пресврт во Вашингтон. Потребно е внимателно следење на институционалните односи, но и продолжување на градењето стабилни врски со актуелен Вашингтон и, се разбира, динамика на односи со САД со сѐ позабрзано темпо и користење на сите можни линии на лобирање, контакти, средби, иницијативи и нудење конкретни проекти – вели нашиот соговорник, дипломат и политички аналитичар. Р.С.