Секторот за внатрешни работи Скопје поднел кривична пријава за насилство против П.А., во врска со вчерашниот инцидент пред Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, кога група од околу 30 членови на навивачката група „Фемили“ физички нападнала околу 50 навивачи на Кошаркарскиот клуб „Работнички“, кои чекале да влезат на спортскиот натпревар.
При нападот, 16-годишник од Скопје се здобил со тешки телесни повреди. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека П.А. бил лишен од слобода, а по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, кривичната пријава за делото „насилство“ по член 386 ставови 4 и 6 од Кривичниот законик била поднесена по брза постапка.
Во врска со инцидентот, полициски службеници од СВР Скопје привеле и две 18-годишни лица од Скопје, со иницијали М.М. и Д.П.
Од СВР Скопје најавуваат дека продолжуваат со повикување лица за кои ќе се утврди дека учествувале во насилството, по што против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
МВР апелира до навивачките групи да се однесуваат фер и спортски, посочувајќи дека полицијата нема да толерира каков било облик на насилство.
































