Фото: Шенол Мемиш

Утревечер, од 19.00 часот во Кино Манаки во Битола, премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Битола, мој роден крај“ од авторите Шенол Мемиш и Дејан Младеновиќ,  посветен на  македонскиот композитор со турска националност  Ајри Демировски.

Демировски е роден во 1927 година во Битола. Како млад го изучувал берберскиот занает кај Вангел Тодоровски – Мајорот, подоцна прогласен за  народен херој. По ослободувањето бил првиот ученик од Битола испратен во Загреб во графичкото училиште да го изучува печатарскиот занает.

Работејќи во радиото имал несекојдневна прилика редовно да ги слуша во живо најпопуларните битолски и македонски пејачи. Тоа го поттикнало да почне да размислува во насока на создавање на нова македонска музика. Компонирал над педесет песни, меѓу кои „Мариче ле лично девојче“, „За кого ти цути Дано лицето“, „Чујте ме мили земјаци“, „Доста, доста лично ле Стојне“, „Са ноќ ле Наде“, „Болен лежи млад Стојан“, „Не се фаќај Доне, Донке“, „Са ноќ седам Трено“, „Гугутка гука“ и други, меѓутоа најпознат е по неофицијалната химна на градот, „Битола, мој роден крај“.

– Среќни сме што нашиот петти филм ќе има можност да го види македонската публика. Го работевме долг период, собиравме податоци, ги баравме вистинските личности, компетентни познавачи на ликот и делото на Ајри Демировски. Голема чест е за нас што повторно наш филм е дел од празнувањето на Денот на ослободувањето на Битола, 4 Ноември-  вели камерманот и монтажер Дејан Младеновиќ.

Филмот ја раскажува приказната за човекот, неговите вредности и неговата љубов кон Битола.

– Голем предизвик беше за нас да го реализираме овој сериозен проект. Благодарни сме на Општина Битола и на КИЦ Битола за укажаната доверба. За реализација на филмот користени се  видео материјали од МРТВ, ТВ Орбис и ТВ Тера.  Во филмот учествуваат Александар Стерјовски, кој за жал не ја дочека премиерата, Димче Миновски и Валентин Соклевски, а наратор сум јас. Влезот за премиерата е бесплатен и добредојдени се сите заинтересирани луѓе. -вели режисерот Шенол Мемиш.

По премиерата, планирани се прикажувања на филмот „Битола, мој роден крај“ и во други градови ширум Македонија. Инаку, ова е е петти документарен филм на Мемиш и Младеновиќ. Досега ги објавија филмовите „Мојот вујко Стив Наумов“, „Осумдесет години слободна Битола“, „Софија Кочевска-55 години кариера“ како и филмот посветен на новинарот Димче Миновски за кој ја добија наградата „Камера 300“ на Интернационалниот филмски фестивал за аматерски документарен филм. Тие се автори и на една репортажа, а сите проекти им се поврзани со промовирање на Битола и на битолчани.