Полскиот претседател Карол Навроцки оцени дека долгогодишниот спор со владата на премиерот Доналд Туск околу Уставниот суд претставува закана за внатрешната безбедност на земјата. Изјавата следува по ескалацијата на конфликтот во текот на ноќта, пренесе ДПА.
Обраќајќи им се на демонстрантите пред зградата на судот во Варшава, која беше опколена од безбедносните сили, Навроцки повика на итни консултации со сите партии застапени во парламентот, со цел „да се стабилизира политичката ситуација и да се врати уставниот поредок“.
Тој побара и повлекување на безбедносните сили од просториите на судот, каде што биле распоредени од владата.
Демонстрантите почнаа да се собираат пред судот уште во текот на ноќта, обвинувајќи ја левоцентристичката влада на Туск за поткопување на Уставот и судството, откако беа суспендирани претседателот на Уставниот суд, Богдан Швјенчковски, и неговиот заменик.
Според соопштението објавено на интернет-страницата на судот, Швјенчковски привремено ќе биде заменет од Ана Корвин-Пјотровска, една од петте судии неодамна именувани од актуелниот парламент, чие назначување претходно го оспори Навроцки.
Поради ескалацијата на спорот, полскиот претседател го откажа планираното патување во Сенегал и се врати во Варшава. На видеоснимка што се појави во јавноста се гледа како Навроцки, поранешен аматерски боксер, со употреба на сила влегува во зградата на судот по пристигнувањето.
Спорот има длабоки политички корени. Партијата „Право и правда“ (PiS), која владееше со Полска од 2015 до 2023 година, го пополни Уставниот суд со судии кои се сметаат за блиски до неа. Европскиот суд на правдата претходно оцени дека судот не може да се смета за независен и непристрасен поради сериозни недостатоци во постапките за именување на судиите и тогашниот претседател на судот.
По преземањето на власта во 2023 година, коалицијата предводена од Туск најави дека ќе ги поништи спорните правосудни реформи спроведени од претходната влада.
По обраќањето на Навроцки пред демонстрантите, претседателот на Уставниот суд, Швјенчковски, изјави дека институцијата е составена од „законски именувани судии, а не од узурпатори кои влегле преку задната врата, придружувани од владини безбедносни сили“.
Тој ги опиша настаните како „државен удар“ и „напад врз уставна државна институција“.
Од друга страна, министерот за правда Валдемар Журек го оцени влегувањето на Навроцки во зградата на судот како вознемирувачко однесување.
– Недозволиво е некој што ужива претседателски имунитет да се однесува на ваков начин“, изјави Журек за телевизијата TVN 24, оценувајќи дека станува збор за „скандалозно однесување“ и обид за дополнително разгорување на тензиите на улиците – пренесува ДПА.
































