Кој ги храни уличните кучиња во Македонија, а потоа глуми изненаден

Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (39)

  • Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и
    хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците

Македонија со години ги храни причините за проблемот со уличните кучиња, а потоа плаќа милиони евра за последиците. Кога кучињата ќе стигнат до нашите згради, училишта и игралишта, сите се прашуваат од каде се појавиле. Не паднале од небо. Самиот систем им овозможува да опстојуваат, а потоа се однесува како да нема никаква врска со тоа, особено при напад врз дете или при сообраќајна несреќа предизвикана од глутница кучиња.

Илија
Петковски

Кучињата живеат покрај човекот со милениуми. Но не како холивудскиот „најдобар пријател на човекот“. Не, тоа не е наука, тоа е емотивен неоправдан занес што најмногу им штети на кучињата. Голем дел од кучињата во Македонија, исто како и на светско ниво, не живеат како миленици, што е наша прва асоцијација за куче, туку опстојуваат слободно, како каниди приспособени на живот во близината на луѓето – слично на лисиците, чакалите и на волците. Човекот, пак, со селекција на единки од овие слободни кучиња, создал раси со посебни задачи и намени целосно зависни од неговата грижа. Затоа домашниот миленик оставен на улица не е исто што и куче приспособено на слободен живот. За еден миленик, напуштањето значи глад, болест и смрт. Слободните кучиња со генерации развиваат стратегии за преживување: умеат да бараат храна, да искористуваат различни извори и биолошки да се приспособуваат на условите во околината. Нивната способност да преживеат и да се размножуваат таму каде што има храна, вода и засолниште значи дека проблемот не исчезнува само со заловување на најмалиот дел од нив, односно „видливите“ кучиња во урбаните средини.
Кучињата се сештојади и искористуваат различни извори на храна. Во Македонија ги има на секој чекор: диви депонии, преполни контејнери, пазари, индустриски зони, села и викенд-населби. Особено е важна периферијата, каде што отпадот, напуштените животни и слабата контрола создаваат услови за опстојување на популации што потоа се појавуваат и во градовите. Храната секако не создава кучиња од ништо, но создава услови тие да преживуваат и да се размножуваат двапати годишно. Кога на тоа ќе се додадат неконтролираното размножување, напуштањето животни и отпадот што постојано им е достапен, добиваме систем во кој популацијата константно расте, од Југославија па до денес.
Но има и луѓе што секојдневно оставаат храна пред згради, на тротоари и на зелени површини, убедени дека го решаваат проблемот. Хранењето не го решава проблемот со уличните кучиња. Кога храната постојано се остава на исто место, животните се задржуваат таму, а проблемот се концентрира пред влезови, игралишта и училишта. Добрата намера не ги укинува последиците, ниту јавниот простор е приватно хранилиште без правила и одговорност.

Во Париз постојат забрани за оставање храна на јавни места кога таа привлекува гулаби и други животни. Во Лондон властите советуваат да не се хранат лисиците, бидејќи така се навикнуваат на луѓето. Очигледно, во тие градови грижата за животните не значи дека секој може да прави што сака на јавна површина.
Скопје не е изолиран случај. Проблемот постои и во другите македонски градови. Напуштањето миленици мора да се санкционира, но обвинувањето само на неодговорните сопственици е начин да се игнорираат вистинските причини.
Мачките, враните, другите градски птици и стаорците се дел од истата урбана реалност. И тие денес се во хиперпопулација исто како кучињата. Отпадот и достапната храна влијаат врз сите нив. Затоа проблемот не може да се решава само со заловување животни и реакции откако ќе настане конфликт.
На Македонија ѝ треба национална стратегија заснована на етологија, популациска биологија, екологија и знаењето на комуналните експерти, а не уште една бескрајна серија проекти, студии, следења, заловувања и тендери што ќе ја трошат јавната пара, додека проблемот останува на улица. Наместо постојано да го проучуваме кучето, да го следиме, да го заловуваме и повторно да го броиме, треба да ги отстраниме условите што му овозможуваат на проблемот да опстојува. Помалку достапна храна значи помалку услови за преживување и размножување на популациите што зависат од човечки отпад. Затоа контролата на дивите депонии, преполните контејнери, органскиот отпад од пазари, кланици и угостителски објекти, како и неконтролираното оставање храна на јавни површини, мора да бидат во центарот на стратегијата. Истата логика важи и за други синантропни видови – стаорци, гулаби, врани и мачки – чии популации исто така се под влијание на храната што им ја остава човекот. Не станува збор за изгладнување животни, туку за прекинување на постојаното создавање изобилство на вештачки извори на храна што им овозможуваат да се собираат и да се размножуваат. Паралелно мора да има контрола на напуштањето, размножувањето и движењето на домашните кучиња, како и хумано постапување со животните што веќе живеат на улица.

Од лично искуство, над стотина вдомувања од сопственик на сопственик, можам да кажам дека луѓето не се откажуваат лесно од своите миленици. Напротив, разделбата е болна, а сопствениците сакаат да знаат кому му го доверуваат животното, како ќе биде чувано, дали ќе има добар живот, па во одредени случаи го земаат назад ако утврдат дека новиот сопственик не се грижи одговорно за него. Искрено, иако познавам лично голем дел од професионалците со миленици, сопствениците на миленици и одгледувачите на миленици во Македонија, не познавам човек што би го фрлил својот миленик или негов потомок на улица. Но затоа, познавам многумина што би направиле неверојатни работи за да им обезбедат благосостојба. Затоа, пред да ја повториме тезата дека улиците се полнат затоа што сопствениците едноставно ги исфрлаат своите кучиња, треба да се запрашаме: колкумина од нас навистина би го оставиле сопственото куче на улица, знаејќи дека го осудуваат на глад, болести, повреди и смрт? Директното напуштање се случува и мора да се санкционира, но не треба автоматски да го прогласуваме за главно објаснување за целата улична популација со намерно игнорирање на историската мнозинска слободна периферна популација на кучиња.
Ако сакаме да го разбереме проблемот, мора да почнеме да ги испитуваме главните извори и услови што овозможуваат уличните популации да опстојуваат. Колку уште години ќе го третираме последниот видлив симптом, наместо да ги отстраниме причините што го одржуваат проблемот? Ако храната, отпадот и неконтролираното размножување останат недопрени, улиците повторно ќе се наполнат, без оглед колку кучиња ќе бидат заловени, преброени или опишани во следниот извештај. Националната стратегија мора да има јасни мерки, одговорни институции, рокови и мерливи резултати. Не ни треба уште една стратегија што погрешно ќе објасни зошто проблемот постои и ќе ги обвини по милионити пат сопствениците на миленици што ги чуваат со љубов. Ни треба стратегија што ќе ги промени условите поради кои тој постојано се обновува.

Илија Петковски